Connect with us

Вести

Јаневска: Очекувано е да се појават глувци со оглед на тоа што се случуваше, веднаш е направена дератизација во домот „Пелагонија“

Знаете каква беше состојбата во Скопје, глувци не се појавија само во студентските домови, туку и на други места. Со оглед на тоа што се случуваше, не можам да речам дека е добро, но и очекувано е, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска со појавата на глувци во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје.

Одговарајќи на новинарски прашања пред свеченоста за 70 години од Бирото за развој на образованието, Јаневска посочи дека веднаш е направена дератизација и се надева, рече, дека директорот на домот заедно со Градот ќе преземат уште нешто затоа што во близина на студентскиот дом се наоѓаат контејнерите каде што ѓубре оставаат и граѓани од  околните згради.

-Се надевам дека овој проблем веќе е надминат. Во однос на останатото, имаме ново раководство од неколку месеци, запознаени сме со проблемите, но во овој момент сметам дека е релативно подобрена ситуацијата затоа што за разлика од претходниот период, кога студенти секојдневно пишуваа, се јавуваа и бараа, сега таа ситуација е потсмирена и се надевам дека со текот на време ќе ја доведеме да биде така како што треба – и со лифтовите и со се друго, додаде Јаневска.

Министерката соопшти дека двата дома што се реконструираат во Скопје – „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ ќе почнат да примаат студенти од идната академска година. Активностите во „Кузман“ се пролонгирале од предвидената динамика заради потребата од дополнително зацврстување на конструкцијата на горните катови, важни за носивоста на објектот, за кои при реконструкцијата се увидело дека во градбата се разликуваат од долните катови.

-Затоа малку се позабави тој процес, но во моментот повторно е забрзана динамиката. Очекувавме да биде побрзо, но за следната година двата дома сигурно ќе бидат пуштени во употреба, изјави Јаневска.

Во однос на повикот објавен денеска за ваучери за е-уреди наменет за студенти и проблемите што се појавиле при електронското апицирање на страницата на Министерството за дигитална трансформација, министерката одговори дека МОН не е надлежно за ваучерите туку тоа е проект, рече, на Генералниот секретаријат на Владата.

Како што рече, се чекало да завршат изборите за да биде објавен конкурсот и ги повика студентите да аплицираат за финансиска поддршка за електронски уред што самите ќе го изберат.

-Зошто паѓа системот на Министерството за дигитална трансформјација, не би можела да кажам, тоа е прашање за министерот Стефан Андоновски, рече Јаневска.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2