Connect with us

Култура

Националниот џез оркестар со „Македонски сновиденија“ ќе настапи во Виена

Националниот џез оркестар ќе настапи во реномираниот џез клуб „Porgy & Bess“ во Виена вечер од 20.30 часот, како дел од турнејата „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams). Тоа ќе биде нивниот трет и последен настап од минитурнејата што ги опфати и Будимпешта и Прага.

Како што соопшти НЏО на прес-конференција во пресрет на европската минитурнеја, „Macedonian Dreams“ е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, со кој оркестарот ја претставува македонската културна и музичка традиција во современ контекст.

Настапите на оркестарот во трите европски центри се предводени од диригентот Владимир Николов, кој вели дека оваа турнеја е важна затоа што промовира нешто ново, истовремено базирано на нашата традиција.

-Најважниот дел во овој проект или приказна е како ние комуницираме со нашето минато. Претставуваме и аранжмани на фолклорни теми, но го правиме тоа на начин со кој што кажуваме нешто што сметаме дека е релевантно во денешниот џез и, воопшто, во музиката, истакнува маестро Николов, кој заедно со Гордан Спасовски ги создадоа и аранжманите на композициите.

За директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, ова е исклучително важна турнеја, затоа што промовираат целосно македонска музичка џез приказна и ја претставуваат на светот.

-Настапите во Будимпешта и во Прага поминаа подобро од очекувањата. Аплаузите, овациите, довикувањата за бис ни беа најголема награда. Нашиот оркестар се претстави во врвно издание, а покажавме дека и изборот на програмата е полн погодок за наша поголема промоција низ Европа. Очекуваме дека „Macedonian Dreams“ ќе ни отвори нови врати и нови соработки во иднина, изјави Стевковски.

Како што наведува НЏО, седумосминскиот такт, „одличните аранжмани на наши бисер композиции, создадени од маестро Владимир Николов и од пијанистот Гордан Спасовски ја одушевија публиката“.

-Соло делниците беа особено поздравени со бројни аплаузи, овации, а логично се бараше уште од возбудливите партитури што мирисаат на минато и емоција вткаени во нова џез приказна. Македонци што живеат во Прага, но и Чеси љубители на џез музиката уживаа во овој музички разговор, внимателно подготвен да го промовира македонското современото џез творештво. Деветка, Касапско оро, Калајџиско оро, Писмо до човекот со шишињата, инспирирано од орото Ратевка, а посветено на единствениот Зоран Маџиров, Lake Ohrid Lament (инспирирана од песната „Ој ти момче охриѓанче“) на Кочо Петровски и Иван Терзиев… сесамо дел од композициите што публиката посебно ги препознава и ги ужива на концертот. Клупската атмосфера влијаеше за посебна возбуда и кај музичарите, кои сите до еден брилираа во своите соло настапи. Задоволството на добриот настап и комуникација со публиката не го криеја и диригентот Владимир Николов и директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски. На концертот присуствуваа и претставници од нашата амбасада во Република Чешка, соопшти НЏО за одржаниот концерт во Културниот центар „Ла Фабрика“ во Прага.

Во Будимпешта, Националниот џез оркестар настапи во големата сала на Универзитетот ЕЛТЕ. Концертот таму бил отворен со „Деветка“ од „Леб и сол“, по аранжмани на Кокан Димушевски и Владимир Николов и првите аплаузи ги добиле за соло делот на Иван Иванов.

-Аранжманите на композициите ги направија диригентот Николов и од Гордан Спасовски. Инспириран од орото Ратевска, а во чест на Зоран Маџиров, Спасовски ја создаде A Letter to the Bottleman (Ratevka) (Писмо до човекот со шишињата). Во чест на својот професор Илија Пејовски, Владимир Николов ја напиша и аранжира композицијата „Reflection of „Caress“, даде посебна емоција и нежност на концертот. Ја чувме и Can you dig it?, композиција на Васил Хаџиманов. South Node и Changing Landscapes се оригинални композиции на Владимир Николов што се, исто така, дел од концертот, а „Касапско оро“ исто предизвика радост кај публиката. Сите музичари што имаа соло делници брилираа, најголем удел во оваа приказна имаше Кирил Кузманов, со најмногу соло настапи. На концертот во Будимпешта присуствуваше и Марија Ѓоргова, државна секретарка на Министерството за култура и туризам. Во организацијата на концертот помогна Златко Панзов, професор на Универзитетот ЕЛТЕ и дел од центарот Balkan Heritage, се наведува во соопштението ан Националниот џез оркестар кој вечер со концерт во Виена ја завршува европската минитурнеја.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1