Connect with us

Култура

Ефимија Новаковска од Гевгелија добитник на Гран при на 58. Детски Рацинови средби

Ефимија Новаковска, деветтоодленката од Основното општинско училиште „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија под менторство на професората Елизабета Инадеска Ефремова ја доби највисоката Гран при награда на Меѓународниот литературен конкурс на  58. Детски Рацинови средби во Велес,  кои завршија со доделување на наградите во Локалната библиотека „Гоце Делчев“.

На меѓународниот конкурс на тема „Кога денот од стих се раѓа“ учествуваа 1 172 литературни творби – песни со стихови од исто толку млади автори основци и средношколци од Македонија, како и македонски ученици кои живеат во над 15 земји од соседството и светот: од  поранешните југословенски републики, како и од Данска, Шведска, Германија, Швајцарија, Канада, Австрија, Австралија и уште многу други земји во светот каде има Македонци.

Скромната и тивка деветтооделенка Ефимија, но силна  со своите големи стихови со инспирација од Рацин во песната „Кога денот од стих се раѓа“, како што и гласеше меѓународниот конкурс во изјавата за МИА рече  дека е среќна, првпат учествува на меѓународнот конкурс и ја добива највисоката Гран при награда која го носи името на големиот поет  Рацин, кој е нејзина инспирација.

-Песната ја пишував околу две недели, а поддршка имав и од мојата професорка. Пишувам од шесто одделение  и имам напишано повеќе песни, член сум на Драмската секција во моето училиште. Освен за Рацин пишувам и за пријателството и други теми. Оваа моја висока награда ќе ме поттикне да напишам уште многу песни, потенцира Ефимија со скромна насмевка и видна радост за освоената највисока награда.

Победник на меѓунардниот конкурс на учесници од странство кај основците е Софија Живановиќ од ОШ „Васа Чарапиќ“ од  Бели Поток од Србија, со ментор Снежана Стојановиќ, а кај средношколците Лена Млакар од Карловачката Филолошка гимназија од Инѓија ,Србија, а ментор е Горан Новаков.

Кај средношколците по литературниот конкурс специјална награда за посебно поетско остварување доби уште еден ученик од Гевгелија, Костадин Узунов од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија под менторство на Бисерка Макревска, а прва награда освои Клара Ѓуровска од СУГС  Гимназија „Јосип Броз Тито“  од Скопје под менторство на Елена Неделковска.

На годинашните 58. Детски Рацинови средби во изминатите три дена освен од цела Македонија гостуваа и деца од Србија и Хрватска. Тие заедно со своите домаќини и децата од цела Македонија имаа креативни грнчарски и книжевни работилници, имаа средба со писатели. Традиционално заедно  ја посетија и Спомен-куќата на Коста Солев Рацин во стариот висок дел на Велес и таму имаа повеќе културни настани и се дружеа и учеа за делото на Рацин.

Се одржа и ликовен  конкурс на истата тема, каде со свои цртежи на темата „Кога денот од стих се раѓа“ посветен на Рацин и неговото дело учество земаа околу 350 основци и средношколци од цела Македонија.

Таму првата награда за основци од шесто до деветто одделение ја освои  велешанката Христина Здравковска од ООУ „Блаже Конески“ од Велес, под менторство на Елена Димова Пантелиќ. Трето наградената е Каја Пецев од ООУ „Видое Подгорец“ од село Колешино, Струмичко, под менторство на професорката Марија Брндевска. Ученичката Каја Пецев за  МИА изјави  дека се радува што цртала за Рацин и што е една од добитничките на награда.

Кај средношколците на ликовниот конкурс првата награда ја освои Емили Исакоска од „Јахја Кемал Колеџ“ од Гостивар под менторство на Олгица Гаврилоска. Третата награда  ја освои средношколката од Берово, Хадиса Демирова од ОСУ „Ацо Русковски“ од Берово, под менторство на Слободан Пандов. Таа за МИА изјави дека втора година учествува на ликовниот конкурс, а првпат освојува награда, на сликата со Рацин работела напорно околу три недели. По посетата на Спомен-куќата на Рацин најави некое ново ликовно дело.

Во рамки на програмата на 58. Детски Рацинови средби се одржаа и ораторски и рецитаторски натпревари на кои исто така беа доделени награди, како и за мултимедијален проект каде првата награда ја освои наставничката Виолета Трпевска од ООУ „Св.Климент Охридски“ од село Драчево.

Детските Рацинови средби почнаа со „Цветен пат за Рацин“ на кој учество земаа најмладите деца од Детските градинки „Димче Мирчев “ во Велес, кој изодеа пат од Гимназијата „Кочо Рацин“ до Спомен-костурницата од НОВ, каде почива Рацин, па се до Спомен-куќата на Рацин. Тие заедно со МДПС „Премиера“ таму имаа и музичко-сценски перформанс.

Организаторите од МДПС „Премиера“  за МИА оценија дека годинава 58. Детски Рацинови средби кои траеја три дена биле најуспешните досега, а за што благодарност за финансиската поддршка искажаа до Општина Велес и Министерството за култура и туризам

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3