Connect with us

Свет

Жртви на злоупотреба од католички свештеници од Белгија на средба со папата

Петнаесетмина жртви на сексуална злоупотреба од страна на католички свештеници во Белгија синоќа имаа два и полчасовна средба со папата Лав Четиринаесетти во Ватикан, при што побарале од него разрешување на претседателот на белгиската Бискупската конференција, надбискупот Лук Терлинден.  

Според Коен ван Сумере, еден од 15-те жртви присутни на аудиенцијата, во изјава за телевизијата ВРТ, информира дека било предвидено разговорот да трае час и половина, но прераснал во два и полчасовна средба. 

– Тоа беше неутрален разговор. Навистина помина многу добро. Папата е емпатична личност, изјави Ван Сумере. 

Јан Пајпе, исто така, жртва на свештеничката злоупотреба присутен на средбата, додаде дека во разговорот тие го покренале и прашањето за „финансискиот аспект“ на обесштетувањето, барајќи од папата да „ги убеди“ белгиските бискупи што е можно поскоро одново да го разгледаат прашањето за „финансиска поддршка на жртвите“. 

На, ваквото барање, според Пајпе, папата им порачал дека првенствено треба да се фокусираат на други работи. 

– Брзо стана јасно дека тој не го смета финансискиот аспект за најважен, истакна Пајпе, додавајќи дека сепак на крајот папата им порачал дека не може ништо да им вети, но дека ќе разговара со бискупите за ова прашање. 

Жртвите на понтифот му предале и писмо во кое бараат надбискупот на Мехелен-Брисел, Лук Терлинден, кој практично е прв човек на Католичката црква во Белгија, да биде заменет „со некој компетентен“. 

Во писмото жртвите посочуваат дека би сакале наместо Телинден да дојде некој „кој е компетентен да ги води“ католиците во Белгија. 

Во разговорот жртвите побарале и сите оние што сакаат да станат свештеници на Католичката црква прво да поминат психолошки тест и во текот на образованието да се води сметка и за нивното ментално здравје.

Скандалот со сексуална злоупотреба на малолетници од страна католички свештеници во Белгија избувна во септември 2023 година по емитувањето на документарниот филм „Заборавив на Бога“. Документарецот беше снимен врз основа на книга на белгиски свештеник во која се пренесени сведоштва на сто лица, кои биле сексуално злоупотребувани од свештеници во детството. 

Филмот предизвика жестоки реакции во јавноста, што резултираше со формирање анкетни комисии во белгискиот Федерален парламент и во регионалниот фламански Парламент со задача да го истражат целиот случај. 

Комисијата на фламанскиот Парламент лани во мај објави конечен извештај од истрагата со над 100 препораки за справување со злоупотребата на децата и со сексуалното насилство во Црквата и во општество во целина. 

Како одговор на препораките, Католичката црква во Белгија во јуни 2024 година најави спроведување на анкета, со цел „да ги слушне жртвите на злоупотреба од страна на свештениците“ и да добие сознанија за случувањата од „најширока можна група на жртви“. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1