Свет
Ранд Пол против Кенеди и Трамп, сака да прима плата додека владините службеници се без примања
Американскиот сенатор од Кентаки Ранд Пол, кој е републиканец, се најде на мета на жестоки критики од претседателот Доналд Трамп и неговиот колега, сенаторот од Луизијана Џон Кенеди, откако Пол во Сенатот блокираше два предлог-закони чија цел беше да се запре плаќањето на членовите на Конгресот за време на тековното затворање на Владата.
Трамп јавно го нападна Пол на мрежата„Трут Соушл“, сугерирајќи дека блокадата на Пол не била од принцип, туку од личен интерес – да си обезбеди пари за себе, додека федералните службеници се соочуваат со несигурност.
„Беше толку интересно вчера кога нашиот голем сенатор од Луизијана, Џон Кенеди, претстави закон во обид да се стопира платата на членовите на Конгресот, а Ранд Пол, кој никогаш не гласа за ништо, се обиде да го спречи тоа, бидејќи тој сакаше да биде платен! Со други зборови, Ранд сакаше да им плати на луѓето кои спречија владата да работи! Што се случува со Ранд?“, напиша Трамп.
Сенаторот Кенеди побара едногласна согласност за разгледување на неговите закони – „Актот за политичарите без плата за време на блокада“ и „Актот за стопирање на платата на членовите за време на затворањето“. Овие мерки, кои наидоа на поддршка кај американскиот народ, имаа за цел да покажат дека членовите на Конгресот треба да сносат одговорност кога не успеваат да ја финансираат Владата.
Меѓутоа, Ранд Пол го блокираше овој напор, инсистирајќи дека наместо тоа, треба да се донесе закон што ќе им гарантира плата на сите активни федерални службеници.
– Мислам дека е време, наместо да ја затвораме владата понатаму, да почнеме да ја отвораме владата. Она што ќе го понудам е закон кој, наместо дополнително да ја затвора владата, почнува да им плаќа на оние кои работат. Мислам дека ова треба да стане трајна карактеристика на нашата влада, изјави Пол во Сенатот.
Кенеди ја отфрли оваа идеја како „враќање“ на веќе неуспешен предлог, потенцирајќи дека тоа е тактички маневар што само го продолжува застојот.
Кенеди јасно порача: Ако не можеме да ја финансираме владата, не ги заслужуваме нашите плати. Тоа е здрав разум за американскиот народ, но, за жал, здравиот разум е незаконски во Вашингтон.
Овој судир доаѓа во момент кога Трамп продолжува да врши притисок врз Сенатот да изнајде решение за затворањето, кое трае веќе шест недели и влијае на животот на милиони Американци.
ноември 9, 2025

