Connect with us

Регион

Изгаснат е пожарот пред Собранието на Србија, приведен е маж поради пукање со огнено оружје

Изгаснат е пожарот што претпладнево уништи шатор поставен од приврзаници на властите пред Собранието на Србија и според српски медиуми, засега е јасно само дека е приведено едно лице. Околу зградата има голем број полицајци, меѓу кои и припадници на Специјалната антитерористичка единица (САЈ).
Српски медиуми блиски до властите веќе го користат зборот „напад“ во извештаите за инцидентот иако се уште нема официјално соопштение од полицијата. Во дел од нивните извештаи веќе е и објавено името на човекот кој пукал.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска во 13 часот од Палатата  Србија ќе има вонредно обраќање, потврдија од Претседателството. Според српски медиуми, тој ќе зборува по повод нападот во Пионирскиот парк, јавија српски медиуми.

Претходно, од Итната помош објавија дека еден маж е ранет во еден од шаторите пред да избувне пожарот откако во него било пукано од огнено оружје и тој е префрлен во Ургентниот центар на Белград.

Пожарникарите отвораат други шатори и проверуваат што има во нив.
Во Собранието во момент на инцидентот се одржува седница која не беше прекината.

Возилата на вработените во Собранието и на пратениците сè уште се паркирани на паркингот. Дел од возилата се оштетени, тврдат парламентарци.

Околу парламентот има голем број полицајци, вклучувајќи и членови на САЈ, и никому не му е дозволено да помине покрај зградата на Парламентот.

Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар на прес-конференција изјави дека „имале исклучително тежок случај“.
„Разговарав со човек кој бил застрелан и бил направен обид тој да биде запален. Сега е во операциона сала, со куршум кој е во ногата. Пациентот вели дека никогаш не го видел човекот што го застрелал“, рече Лончар.

Министерот за здравство истакна дека пред Народното собрание било пукано повеќепати.

„Човекот пукал повеќепати и кога не бил задоволен од тоа колку испукал, сакал да ги запали и предизвикал пожар. Повредите на повредениот се многу сериозни, се надевам дека ќе преживее. Дали сме стигнале до точка каде што, само затоа што имаме луѓе кои размислуваат поинаку, можат да страдаат? Ова е последно предупредување за сите нас и не смее да се случи повторно, ќе западнеме во многу сериозни проблеми“, заклучи министерот за здравство Златибор Лончар во вонредно обраќање до медиумите во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија.