Connect with us

Регион

Кос: Очекуваме Србија да ги почитува клучните вредности на Европската Унија

Почитувањето на основните права и вредности, вклучително и правото на мирно собирање и медиумска и академска слобода, се клучни елементи од европскиот пат на Србија, порача вечерва еврокомесарката за проширување Марта Кос во Европскиот парламент во Стразбур на дебата „Поларизација и зголемена репресија во Србија, една година по трагедијата во Нови Сад“. 

– Процесот на пристапување кон ЕУ опфаќа многу од клучните прашања кои се главна тема на актуелната дебата во Србија. Како земја кандидат, очекуваме Србија да ги почитува клучните вредности кои се основа на Европската Унија – почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права, изјави Кос. 

Таа нагласи дека трагичната несреќа со падот на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, при што загинаа 16 лица, и последиците од неа дополнително ја продлабочија поларизацијата во српското општество. 

– Во изминатите 11 месеци српските граѓани, предводени од студентите, протестираат низ градовите и местата во Србија, барајќи одговорност за оваа трагедија. Корупцијата и перцепцијата за недостиг на одговорност се двата главни поттикнувачи на протестите. Исто така, тука се и недостигот на демократија, заробените медиумите и неказнивоста на политичарите, истакна Кос.  

Таа посочи дека во принцип српската полиција го почитувала нормите за слобода на собирање на протести, но дека неодамна биле регистрирани неколку инциденти и насилство врз студенти, мирни демонстранти и новинари, а имало и случаи на сомнежи за прекумерна употреба на сила од страна на полициски припадници.  

– Сакам уште еднаш да повторам дека очекуваме полициската акција да биде соодветна и да бидат почитувани основните права. ЕУ очекува овие случаи да бидат истражени како приоритетно прашање. Исто така, ги осудуваме сите акти на вандализам и насилство од страна на демонстрантите поттикнати од омраза и продолжуваме да ги повикуваме сите страни за намалување на тензиите, рече Кос. 

Еврокомесарката нагласи дека српската Влада треба да создаде поволна услови за работа на граѓанското општество, без заплашување и притисок, како и за обнова на дијалог меѓу сите страни од целиот политички спектар и целото општество.  

Кос го поздрави постигнатиот напредок со усвојувањето на законот за гласачкиот список, одлуката за формирање на Совет на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и создавањето на Комитет за следење на Планот за раст, кој вклучува претставници на власта, опозицијата и граѓанското општество, оценувајќи дека тоа се конкретни први чекори кон повторно ангажирање на сите делови од општеството и од целиот политички спектар. 

– И наш и српски интерес е да ја внесеме демократска Србија во ЕУ. Сакам уште еднаш да разјаснам дека сум навистина посветена на тоа. Ќе продолжиме со нашиот ангажман и ќе направиме се што е можно за да и помогнеме на Србија да продолжи напред по својот пристапен пат. Но, за да се случи тоа, потребни се конкретни чекори за почитување на демократските принципи и реформи, додаде Кос. 

Таа го поздрави неодамнешниот напредок во усогласувањето на Србија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, но посочи дека во денешниот поделен свет, Белград треба јасно да го направи својот стратешки избор, како и дека блиски односи со Москва и Пекинг, придружени со критички изјави кон ЕУ и непријателски руски наративи, не се она што се очекува од една земја кандидат за членство во Унијата. 

– Непријателската политичка реторика, вклучително и против ЕУ, нејзините граѓани, а особено против членови на Европскиот парламент, е спротивна на вредностите на Евеопската Унија, потенцира Кос. 

Како пример за ваквата реторика таа ги посочи српските медиумски извештаи од вчера и денеска по усогласувањето на позицијата на Советот на ЕУ за забраната на увоз на руски енергенси, во кои било наведено дека Унијата ќе забрани транзит на гас од Русија за Србија.   

– Тоа се лаги. Наместо тоа, сакам да нагласам дека ЕУ ги поддржува Србија и другите земји од Западниот Балкан за диверзификација на нивните енергетски извори и поблиска интеграција во енергетските мрежи на ЕУ, истакна Кос.  

Според Кос, својата посветеност на европскиот пат Србија може да ја докаже само со политичка волја за веродостојно спроведување на потребните реформи и таа ЕУ ориентација мора да се манифестира и преку јавен наратив и конкретни акции, како на домашен, така и на надворешен план. 

– Бараме Србија јасно и решително да го потврди својот избор. Вратите на ЕУ се широко отворени и она што ние го нудиме е неспоредливо. Демократските промени можат да дојдат само преку внатрешни демократски процеси. Граѓаните бараат поголемо владеење на правото и демократски норми, па затоа Комисијата ќе соработува со надлежните органи и другите засегнати страни за напредок во реформите. Сега е моментот властите да ја покажат посветеноста на Србија на својот европски пат и со зборови и со дела, заклучи Кос.