Сцена
По 10 години пауза, Ламбе Алабаковски се враќа на скопската сцена

По цела деценија пауза, популарниот македонски пејач Ламбе Алабаковски повторно ќе настапи пред публиката во Скопје. Концертот во „Јавна соба“ на 10 октомври ветува незаборавна вечер исполнета со емоции, енергија и најпознатите хитови кои го обележаа неговото долгогодишно присуство на македонската музичка сцена.
Конечно, по 10 години на некој му текна да го викне Ламбе Алабаковски во Скопје, да ги испеам моите најголеми хитови и општо хитови што останале запишани во историјата, а верувам дека ќе останат и по 10 октомври. Ова ќе биде вечер којашто ќе ја врати магијата, изјави пејачот.
Билетите за настанот се достапни во интернет-продажба преку продукцијата „Друга страна“.
Алабаковски се натпреваруваше на македонскиот избор на песна за „Евровизија“ – „Скопје фест“ во 2007 година. Тој ја изведе песната „Бело е сѐ“ – напишана од Елена Ристеска, а ја компонираше Роберт Билбилов. Алабаковски се натпреваруваше на истиот фестивал и во 2008 година, со песната „Земјо моја“.
Најавениот концерт ќе ги содржи неговите најголеми хитови. Публиката ќе има можност да ужива во песните што станаа дел од домашното музичко наследство, препознатливи по мелодичноста и искрената емоција со коишто Алабаковски секогаш настапува. Концертот ќе биде и најава за нови музички проекти што пејачот ги подготвува по своето враќање на сцената.
октомври 9, 2025