Регион
Грција ќе ја намали помошта за бегалците

Владата на Грција планира да ги намали бенефициите за бегалци за речиси 30 проценти, соопшти грчкото Министерство за миграција.
Вкупното намалување на финансирањето поврзано со азилот од 400 милиони на 288 милиони евра годишно е фокусирано на шемата за домување Хелиос, што вклучува субвенции за наем за бегалци.
Средствата ќе бидат пренасочени кон програми за интеграција на пазарот на трудот и учење грчки јазик.
– Секој што ќе добие азил во иднина повеќе нема да живее од постојани бенефиции, туку ќе биде интегриран во општеството преку работа, изјави грчкиот министер за миграција Танос Плеврис, додавајќи дека идните исплати за поддршка ќе ги покриваат само „основните потреби“.
Конзервативната Влада на премиерот Киријакос Мицотакис соопшти дека мерките се во согласност со барањата на Европска Унија. Целта е Грција да стане помалку привлечна дестинација за мигрантите, а воедно да се намалат државните трошоци.
Веќе се заострени правилата за оние чии барања за азил се одбиени. Секој што ќе остане нелегално во Грција и ќе одбие доброволно да замине ќе се соочи со минимална казна од три години затвор.
октомври 8, 2025