Регион
Албанија реагира на соопштение на Србија: Секој обид за замена на улогите на жртва со агресор е неприфатлив

Албанското министерството за Европа и надворешни работи во денешното соопштение изразува „длабоко жалење за соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Србија, од 4 октомври 2025 година, кое се обидува да ги врати сенките од минатото врз регион кој се обидува да се движи кон иднината“.
Преку соопштение за медиумите, МЕНР нагласува дека „оваа изјава покренува низа неосновани обвинувања и тврдења, кои Албанија силно и решително ги отфрла“.
„Министерството за Европа и надворешни работи го потсетува српското Министерство за надворешни работи на некои историски вистини поврзани со вистинските причини за трагичните настани од 1999 година, настани што доведоа до убиства, етничко чистење и присилно протерување на околу еден милион косовски Албанци од нивните домови. Жално е што изјавата на српското Министерство сè уште се базира на сега дискредитиран извештај на Дик Марти, кога фактите истражени од домашните и меѓународните власти јасно докажаа дека тврдењата изнесени таму се чиста измислица, без никакви фактички докази“, се наведува во соопштението.
Се нагласува дека „овие невистини, меѓународно признати како обиди за оцрнување на угледот на Албанија и Косово, повеќе не можат да се користат за избегнување на одговорноста пред историјата, која не се препишува со реторика, туку се памети одговорно“.
Во овој контекст, МЕНР подвлекува дека „секој обид за поткопување на вистината и за промена на улогите на жртвата со оние на агресорот е неприфатлив и е во спротивност со секој дух на мир и помирување што нашиот регион го бара и го заслужува“.
-Го изразува нашето длабоко убедување дека на нашиот регион му е потребно помирување, меѓусебно почитување и искрена соработка во духот на добрососедството, а не враќање кон говорот на обвинувањата. Само на овој начин конечно можеме да се ослободиме од сенките на минатото и заедно да изградиме иднина во мир, безбедност и просперитет, Балкан обединет во нашето европско семејство, на кое му припаѓаме според нашите корени и аспирации. Албанија била и ќе остане подготвена за сеопфатна регионална соработка, во духот на добро пријателство, достоинство и одговорност кон нашите граѓани, се вели во соопштението.
Во соопштението од 4 октомври, српското Министерство за надворешни работи, како што стои, зборува за „систематски прогон на Србите во Косово и Метохија“ и „етничко чистење кое трае со децении“. Исто така, се споменува и извештајот на Советот на Европа од 2011 година, изготвен од Дик Марти, за кој Белград тврди дека содржи „конкретни докази“ за киднапирања и нехуман третман на Србите за време и по војната во 1999 година, како и „наводи за трговија со органи во Албанија“.
октомври 8, 2025