Connect with us

Регион

Албанските опозициски демократи на предвремените избори ќе го поддржат Флоријан Бинај за градоначалник на Тирана

Најголемата опозициска партија во Албанија, Демократската, ќе го поддржи комичарот Флоријан Бинај, како кандидат за делумните парламентарни избори за општина Тирана, кои ќе се одржат на 9 ноември.

Одлуката ја соопшти партискиот лидер, Сали Бериша, кој го нарече Бинај „непоколеблив борец за каузите на албанските граѓани“.

-Денес сум тука да ве известам вас и граѓаните на Тирана, и цела Албанија, дека ќе го поддржиме добро познатиот уметник, истакната личност на уметноста, непоколебливиот борец за каузите на албанските граѓани, талентираниот, Флоријан Бинај. Предлогот ќе им го дадеме и на нашите сојузници, кои се надеваме дека исто така ќе го поддржат Бинај, рече Бериша.

Пред два дена Претседателството на партијата одлучи на предвремените избори за градоначалници во 6 општини, меѓу нив и Тирана да не кандидира свои кандидати, туку да ги поддржи независните, бидејќи, како што рече Бериша „историјата покажала дека се поуспешни“.

Комичарот Флоријан Бинај официјално ја објави својата кандидатура за градоначалник на Тирана, додавајќи дека неговата одлука доаѓа како „повик за промени и за враќање на довербата на граѓаните во локалните институции“, повикувајќи ги „граѓаните, интелектуалците, левицата и десницата, како и политичките партии, кои навистина сакаат промени“, да ја поддржат неговата иницијатива.

Бинај во оваа трка ќе се соочи со кандидатката на Социјалистичката партија, Огерта Манастирлиу, и Арлинд Ќори од Движењето „Заедно“.

Предвремни избори за градоначалник ќе има и во Берат, Тепелена, Церик, Мат и Валона, каде градоначалниците си поднесоа оставки од функциите.

Во Тирана градоначалникот Ерион Велиај, кој е во затворски притвор, од 10 февруари, осомничен за корупција и перење пари, беше разрешен од владата по усвоениот предлог од страна на Советот на Општина Тирана.