Connect with us

Регион

Драмата на Народниот театар во Белград со протест поради нов Правилник

 Нова сезона започна во Народниот театар во Белград синоќа, а на крајот од претставата, Драмскиот ансамбл презентираше три барања – итно повлекување на новиот Правилник, разрешување на претседателот на Управниот одбор и преиспитување на работата на министерот за култура.

Драмата на Народниот театар во Белград синоќа ја почна новата сезона на сцената „Раша Плаовиќ“ со претставата „Мали нешта што значат живот“.На крајот од претставата, Драмскиот ансамбл и се обрати на публиката што мислат за Правилникот за работна дисциплина, што им забранува на вработените јавно да изразуваат политички ставови, како и за новиот УО на чело со Драгослав Бокан.

Тие објавија три барања – итно повлекување на новиот Правилник, разрешување на Управниот одбор на чело со Драгослав Бокан и преглед на неговите изјави во врска со угледот на вработените во Народниот театар, како и Владата на Република Србија да ја преиспита работата на министерот за култура.

„Сакаме да го споделиме овој момент со вас во радост, но би биле неискрени ако ги криеме нашите загрижености зад топло добредојде“, објави Нела Михаиловиќ пред публиката во име на ансамблот на Драмата.

Како што најавија актерите, на 3 октомври ќе биде воведен нов Правилник, со кој на вработените ќе им се гарантираат помалку права од оние пропишани со Законот за работни односи и Уставот на Република Србија.

Колку има смисла да се скроти театарот и кој и зошто се обидува да ги разниша темелите на Националниот театар, прашаа актерите од сцената. Во неговото битие е вистината, слободата и правото да се поставуваат прашања за човекот, општеството, светот, па дури и политиката, додадоа тие.

„Во возбудата од пишувањето забрани и правила, тие заборавија дека театарот не е составен само од уметници, туку и од вас, публиката. Тие заборавија на вас, сведоците и соучесниците на вистината на сцената. Вие сте националниот театар и ќе бидете кога сето ова ќе заврши“, ѝ рекоа актерите на публиката.

Во својот говор, актерите потсетија на еден од најмрачните моменти во историјата на Народниот театар – „Театарски декрет“ од 1941 година, со кој таа институција беше ставена под раководство на германскиот пропаганден оддел „Југоисток“. Потоа беа воведени посебни дозволи и лиценци за работа, а бројни уметници и културни работници беа прогонувани и отпуштени.

„Овој декрет засекогаш остана врежан во историјата на театарот. За жал, овој нов пропис, кој ни ги негира основните права, ќе биде врежан и во историјата на оваа куќа“, рекоа членовите на ансамблот.

Публиката ги поздрави со голем аплауз.
Белградски медиуми јавија дека утре во таа установа синдикатот ќе организираат едночасовен штрајк на предупредување.
Во изминатите неколку дена, оставки јавно поднесоа актер во детски театар и оперска пејачка во Народниот театар незадоволни од севкупната ситуација во државата особено во културата во Србија. 

Оперската пејачка Драгана Поповиќ на мрежата X се збогува со Народниот театар со пораката „се гледаме на тоа место откако ќе биде ослободено“.
Актерот Давор Перуновиќ изјави дека дава оставка  „бидејќи не сме направиле ништо во врска со студентите, а секакви работи се случуваат по улиците, газат, тепаат и апсат студенти, а ние ги забавуваме луѓето, како и некои други ситуации во театарот за деца „Пуж“ каде што вработија лице кое не е соработник на театарот (наместо постојани соработници кои работат со години)“.

Во член од тој нов Правилник за работна дисциплина, пишува дека вработен не ја почитува работната дисциплина ако „при вршење на должностите во Театарот, јавно, усно, со симболи и гестови, изрази своја политичка или друга определба што не е поврзана со вршењето на должностите на Театарот, потоа јавно соопштува политичка или друга содржина, потоа повикува на активности што имаат политички карактер или не се поврзани со вршењето на должностите на Театарот, или истакнува симболи или карактеристики чие истакнување е забрането со закон“.

Член шест од истиот Правилник предвидува отпуштање поради непочитување на пропишаните правила.

Вработените и јавноста сметаат дека Правилникот не е во согласност со Уставот, кој ја гарантира слободата на изразување, и го поврзуваат со Драгослав Бокан, новиот претседател на Управниот одбор на Народниот театар.