Connect with us

Свет

Физички продавници на кинески „Шејн“ во Франција

Кинеско-сингапурскиот моден бренд „Шејн“ (Shein) објави дека ќе ги отвори своите први постојани физички продавници во Франција во ноември. Имено, првата локација ќе биде во Париз. По неа, ќе следат уште пет продавници во трговски центри во Дижон, Рејмс, Гренобл, Анже и Лимож, се вели во соопштението на компанијата.

Отворањето е овозможено преку партнерство со малопродажната група „Сосиете де грандс магазинс“ (‘Société des Grands Magasins’ – SGM), којашто е сопственик на „БХВ Маре“ (BHV Marais) во француската престолнина и неколку продавници на „Галери лафајет“ (Galeries Lafayette) во другите градови. Компанијата ќе создаде 200 директни и индиректни работни места во Франција. 

„Ова партнерство е повеќе од лансирање – тоа е посветеност на ревитализација на центрите на француските градови, реставрација на стоковните куќи и создавање можности за француска мода, соопшти „Шејн“.

Основана во Кина и со седиште во Сингапур, „Шејн“ ја изгради својата империја врз ултраевтина облека, огромен асортиман на производи и агресивен маркетинг. И покрај успехот, брендот е предмет на сè почести критики поради еколошкиот печат од масовното производство, условите за работа и обвинувањата за нелојална конкуренција. Европските брендови го обвинија за заобиколување на ЕУ-стандардите и искористување на даночните олеснувања за пратки со ниска вредност. Синџирот има 16.000 вработени низ целиот свет и пријавен приход од 23 милијарди долари во 2022 година.