Регион
Мирен протест во Атина во рамките на генералниот 24-часовен штрајк

Под централниот слоган „Не за 13-часовно работно време“, најголемите грчки синдикати на вработените во државниот (АДЕДИ) и во приватниот сектор (ГСЕЕ), одржаа мирен и масовен протестот во центарот на Атина во рамките на денешниот генерален штрајк, со цел да го изразат нивното незадоволство за новиот закон за работни односи, јави дописничката на МИА од Атина.
На протестот учествуваа работници од повеќе сектори, како и студенти, кои маршираа низ атинските улици се до плоштадот Синтагма и грчкиот Парламент.
Посебна почит и поддршка, демонстрантите му изразија на Панос Руци, таткото на Денис кој животот го загуби во железничката несреќа кај Темпи и кој веќе 17 дена штрајкува со глад, барајќи правда за неговиот син.
Руци, со оглед на тоа што е токму на Синтагма, од безбедносни причини беше пренесен на друга локација, во случај да имаше инциденти на протестот.
„Криминалот во несреќата кај Темпи да не се прикрие, Панос да добие правда“, беше главниот слоган пред Парламентот за поддршка на Руци.
Студентите пак, освен за Руци, упатија и порака за поддршка на палестинскиот народ, исто како и голем број демонстранти кои со палестински знамиња скандираа „Слобода за Палестина“.
На штрајкот присутни беа и лидерите на опозициките партии ПАСОК, СИРИЗА и Нова левица, за да ги поддржат синдикатите во нивните барања.
Одвоен протест, како што е пракса за време на генералните штрајкови, одржа синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, а присутен беше генералниот секретар на партијата.
Поради 24-часовниот генерален штрајк, Грција денеска е без бродски и железнички сообраќај, Атина е без такси превоз, а проблеми има и во јавниот превоз, со оглед на тоа што метрото, автобусите, трамваите и тролејбусите сообраќаат неколку часа.
Штрајкот, е поради новиот закон за работни односи, кој според синдикатите предвидува и 13 часовно работно време, бараат повлекување на одредбите за уредување на работното време, намалување на работното време, но и целосно враќање на слободните колективни преговори.
октомври 1, 2025