Регион
Министерството за финансии на САД издаде нова лиценца за НИС до 8 октомври

Српската нафтена индустрија (НИС) соопшти дека Министерството за финансии на САД писмено потврдило дека на 30 септември е издадена посебна лиценца, со која НИС може непречено да работи до 8 октомври. Истата информација ја потврди и ЈАНАФ и додаде дека ќе контактираат со американските институции преку адвокати во САД за продолжување на лиценцата.
„НИС продолжува со активности насочени кон надминување на моменталната ситуација и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови околности што можат да влијаат на работењето на компанијата“, се вели во соопштението на Нафтена индустрија на Србија.
„Можноста за продолжување на лиценцата по 8 октомври 2025 година во голема мера ќе зависи од понатамошните активности што ќе ги преземе НИС кон надлежните американски институции“, се вели во соопштението на ЈАНАФ.
Санкциите беа воведени за првпат на почетокот на 2025 година, но досега нивното спроведување е одложувано. Санкциите беа воведени поради руското сопствеништво во НИС.
Доколку бидат активирани санкциите кон НИС, тоа може да биде проблем и за државата, имајќи предвид дека НИС е голем даночен обврзник, што уплаќа големи суми пари во државната каса. Само лани, НИС уплати повеќе од две милијарди евра во буџетот на име на разни даночни обврски.
Мислењето на експертите е јасно дека санкциите против НИС би можеле да бидат сериозен проблем за потрошувачите. Можеби не веднаш, но по неколку месеци, кога ќе се потрошат залихите на нафта, цените би можеле да се зголемат, горивото би можело да се најде поретко од вообичаеното, а проблемите со плаќањето на пумпите не се исклучени. Меѓутоа, ако НИС е во финансиски проблеми – тоа би можело да биде и државата, кога ќе се земе предвид дека сериозен дел од буџетот на републиката доаѓа од НИС, наведуваат срспки медиуми.
Во годишниот финансиски извештај објавен од НИС, таа компанија во 2024 година остварила деловни приходи од околу 408 милијарди динари, односно речиси 3,5 милијарди евра. Нето добивката, која се добива кога ќе се одземат сите деловни трошоци, изнесуваше нешто повеќе од 10 милијарди динари, или околу 85 милиони евра.
Во разликата помеѓу овие два резултата лежат бројни даночни обврски. Како што може да се види во извештајот, минатата година НИС уплати 244,7 милијарди динари, или околу две милијарди евра, во државната каса, објави Нова економија.
Прво тука се даноците и придонесите за плати за повеќе од 5.000 вработени. Во извештајот се наведува дека овие трошоци изнесувале 2,5 милијарди динари, односно околу 21 милион евра.
Сепак, постојат и други, многу поголеми даночни трошоци. На пример, што се однесува до ДДВ, минатогодишните расходи на НИС изнесуваа 33 милијарди динари или 282 милиони евра. Не треба да се заборави данокот на добивка, што беше платен во износ од 4,19 милијарди динари, односно 35,8 милиони евра.
Постои надомест за стоковни резерви, кој НИС го плати минатата година во износ од приближно 65 милиони евра (7,6 милијарди динари). НИС плати и надомест за енергетска ефикасност во износ од околу 3,7 милиони евра (440 милиони динари).
Следеа царински давачки, чии трошоци изнесуваа 16,9 милиони евра (две милијарди динари), како и рударски кирии, малку повеќе од 15 милиони евра (1,8 милијарди динари). Другите даноци изнесуваа 1,5 милијарди динари, или 12,9 милиони евра.
Сепак, НИС го плати најголемиот износ во државната каса на име акциза. Тој трошок изнесуваше 185,8 милијарди динари, односно малку помалку од 1,6 милијарди евра.
Другите подружници на НИС во Србија уплатија вкупно 5,84 милијарди динари во буџетот, или нешто помалку од 50 милиони евра.
Вкупно, НИС и нејзините подружници минатата година уплатија 244,7 милијарди динари во државниот буџет, што е околу 2,09 милијарди евра.
Имајќи предвид дека лани буџетот на Србија изнесуваше околу 2.040 милијарди динари, заклучок е дека НИС уплатиле речиси 12 проценти од сите буџетски приходи во државната каса.
октомври 1, 2025