Connect with us

Свет

Мерсие: Молдавците се определија за слобода, демократија и Европа и покрај руското мешање

Народот на Молдавија јасно го покажа својот избор за слобода, демократија и Европа и покрај целото руско мешање и парите што ги потроши Русија за купување гласови, за заплашување и ширење лаги, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за проширување Гијом Мерсие во коментар на резултатите од вчерашните парламентарни избори во земјата на кој убедливо победија проевропските сили.  

– Импресионирани сме од отпорноста на молдавскиот народ и неговата решеност да ја одржи земјата на вистинскиот пат кон демократија и просперитет. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со новиот Парламент и идната Влада и ќе продолжиме да ја поддржуваме стратешката цел на Молдавија за членство во ЕУ, рече Мерсие. 

Тој нагласи дека на изборите биле регистрирани обиди за значително мешање од страна на Русија, додавајќи дека ЕУ верува оти надлежните молдавски органи ќе ги истражат овие случаи. 

– Властите вложија значителни напори за да го одржат интегритетот на изборниот процес и демократскиот избори на граѓаните на Молдавија, додаде Мерсие.  

Претходно, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во објава на Икс порача дека Молдавија повторно јасно го направи својот избор за Европа, демократија и слобода. 

– Ниту еден обид за сеење страв или поделба не можеше да ја скрши вашата решителност. Нашата врата е отворена. И ние ќе стоиме со вас на секој чекор од патот. Иднината е ваша, им порача Фон дер Лајен на Молдавците. 

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта оцени дека граѓаните на Молдавија се определија на овие избори и нивната порака е гласна и јасна. 

– Тие избраа демократија, реформи и европска иднина, наспроти притисокот и мешањето од Русија. ЕУ е со Молдавија. На секој чекор од патот, наведе Кошта во објава на Икс. 

На Икс се огласи и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола која порача дека иднината на Молдавија е во Европа! 

– Со овој историски чекор напред, народот на Молдавија го избра патот на демократија, надеж и можности. Тие ја избраа Европа. Европа е Молдавија. Молдавија е Европа, наведе Мецола. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, пак, оцени дека изборите во Молдавија се јасно „да“ за европска иднина. 

– И покрај огромните напори на Русија за ширење дезинформации и купување гласови, ниту една сила не може да го спречи народот посветен на слобода. Ние ја поддржуваме Молдавија на нејзиниот пат кон ЕУ, потенцира Калас на Икс.