Connect with us

Свет

ЕУ агенција: Животната средина во Европа останува под сериозен притисок

Европската агенција срединска агенција (ЕЕА) денеска предупреди дека, и покрај значителниот напредок во намалувањето на стакленичките гасови и загадувањето на воздухот, животната средина во Европа останува под силен притисок.

– Постигнат е значителен напредок, но севкупната состојба на животната средина во Европа не е добра – се наведува во соопштението на ЕЕА.

Заменичката претседателка на Европската комисија Тереса Рибера изјави дека неодамнешните екстремни временски услови покажале колку се ранливи просперитетот и безбедноста пред климатските промени. – Заштитата на природата не е трошок. Таа е инвестиција во конкурентноста, отпорноста и благосостојбата на нашите граѓани, нагласи таа.

ЕЕА предупреди дека континентот се соочува со сериозни ризици за економската стабилност, безбедноста и животниот стандард доколку продолжи деградацијата на околината.

Според извештајот, емисиите на стакленички гасови во ЕУ се намалени за 37 отсто од 1990 година, најмногу поради намалената употреба на јаглен, нафта и гас, додека уделот на обновливите извори во производство на електрична енергија се удвоил од 2005 година.

И покрај тоа, Европа продолжува да се соочува со загуба на биодиверзитет, прекумерна експлоатација на водните ресурси, неустоиви модели на производство и потрошувачка, како и зависност на транспортот од фосилни горива. Извештајот нагласува дека континентот се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек.

Анализата е изработена врз основа на податоци од 38 земји и претставува најсеопфатна проценка за состојбата на животната средина и климата во Европа. Агенцијата ги повика владите да го забрзаат спроведувањето на Мерки од Зелената агенда на ЕУ за да се спречи понатамошна деградација.