Регион
Ципрас: Грција треба веднаш да ја признае палестинската држава и да поддржи санкции за Владата на Нетанјаху.

Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас ја повикува актуелната грчка Влада веднаш да ја признае палестинската држава и да поддржи воведувањето санкции за Владата на Нетанјаху, а паралелно обвинува дека земјата, со сегашниот став, е на погрешната страна на историјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку објава на Фејсбук, Ципрас посочува дека Грција треба да застане на страната на Палестинците и Израелците „кои секојдневно се борат, ризикувајќи ги своите животи, за мир, крај на хуманитарната катастрофа и гладот во Газа, враќање на заложниците и решение за две држави врз основа на резолуциите на ОН“ и потсетува дека од неделата, голем број европски и други западни држави ја признаа палестинската држава, истакнувајќи дека веќе е призната од над 140 земји-членки на ОН.
– Но, Грција и понатаму инсистира да биде дел од малцинството земји. На погрешната страна на историјата и светската мапа. Со одговорност на Владата, иако нашата земја е членка на Советот за безбедност на ОН, не само што одбива да учествува во ова координирано признавање на палестинската држава, туку дополнително се позиционира заедно со земјите што го блокираат воведувањето европски санкции врз Владата на Нетанјаху. Не заслужуваме ваков срам. Тоа не ѝ доликува на нашата историја и на борбите на нашиот народ, кои ја направија Грција синоним за слобода и правда, напиша Ципрас на Фејсбук, објавувајќи и мапа од земјите кои досега ја признаа палестинската држава.
септември 25, 2025