Connect with us

Свет

Навроцки на ГС на ОН: Полска е подготвена да ја брани својата територија

Полскиот претседател Карол Навроцки синоќа, во своето обраќање на првиот ден од дебатата на Генералното собрание на ОН,  изјави дека неговата земја ќе биде подготвена да „ја брани својата територија“ по неодамнешните упади на руски беспилотни летала во воздушниот простор на членките на НАТО и ЕУ.

-Полска секогаш ќе реагира соодветно и е подготвена да ја брани својата територија (…) Полскиот народ и земјите од Централна и Источна Европа нема да се плашат од руски беспилотни летала, увери Навроцки во говорот во ОН во Њујорк.

„Не дозволуваме безмилосни провокативни потези на Москва против нас и другите нации, кои ги тестираат нашите реакции и ги заплашуваат нашите општества“, додаде полскиот претседател.

За помалку од две недели, Русија го наруши воздушниот простор во Полска, Романија и Естонија со своите беспилотни летала и борбени авиони. Москва го негираше ова и ги обвини членките на ЕУ и НАТО за лажни тврдења.

Министрите за надворешни работи на групата Г7 (САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија) се состанаа вчера на маргините на Генералното собрание на ОН и во заедничка изјава ги осудија руските упади на териториите на членките на НАТО како „неприфатливи“, додавајќи дека Москва „ја поткопува меѓународната безбедност“.