Connect with us

Свет

Молдавската претседателка предупреди на ризик од хаос и насилство инспирирани од Кремљ

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, предупреди дека Кремљ се обидува да влијае врз парламентарните избори во земјата што ќе се одржат в недела.

Во видеообраќање, таа и денеска повтори дека Русија трошела „стотици милиони долари за купување гласови“ од двете страни на Днестар и во странство, како и за финансирање агитатори кои сеат насилство и заплашување.

Вчерашните полициски акции во земјата резултираа со 74 апсења поради наводна подготовка за масовни нереди, при што дел од приведените имале обука со оружје во Србија.

Санду предупреди дека доколку Русија воспостави контрола врз Молдавија, ќе биде загрозена интеграцијата во Европската Унија, а земјата би можела да стане „предмостие за навлегување во Одеска област“.

Проруската опозиција ги оцени полициските акции како заплашување, а поранешниот претседател Игор Додон ја обвини Санду дека сака да ја вовлече земјата во војна со Русија.

Молдавија, која од 2022 година е кандидат за членство во ЕУ, е политички поделена меѓу проевропските и проруски сили.