Сцена
Деми Мур со впечатлив фустан на „ЦФДА“ модните награди во Њујорк
Американската глумица и модел Деми Мур се појави на овогодишните „ЦФДА“ модни награди (CFDA) во Њујорк, носејќи фустан чиј горен дел беше изработен од појаси од фармерки. Оваа креација беше специјално дизајнирана за неа од страна на Зак Позен за „Гап-студио“ (GapStudio).
Вчеравечер, актерката која се движи кон средината на седмото десетлетие од својот живот, прошета по црвениот тепих пред Американскиот природонаучен музеј, каде што се одржаа наградите на Советот на модни дизајнери на Америка (ЦФДА) – настан што често се нарекува „Оскари на модата“. Според списанието „Пипл“ (People), горниот дел од фустанот, којшто потсетува на корсет и има прерамки што се врзуваат околу вратот, бил направен од појаси од тексас-ткаенина, надополнети со сребрени копчиња и дупчиња за ремен. Долгиот фустан од темен тексас има шлиц што ги откриваше чевлите со штикли и зашилен врв во боја на кожа.
Својот изглед таа го надополни со чанта од тексас, за која „Харпер’с базар“ (Harper’s Bazaar) наведува дека е дизајнирана од Рид Кракоф – главен креативен директор за модни додатоци во модната куќа „Гап“. Наместо ѓердан, таа се одлучи за обетки коишто висат, додека нејзината долга, темна коса беше стилизирана во бранови, префрлени преку десното рамо.
Мур имаше улога на доделувач. Имено, таа ја додели наградата за иновација на Ричард Диксон и Зак Позен од компанијата „Гап“ – кои, исто така, пристигнаа облечени во тексас.
Темата на вечерта беше „американска свечена облека“, а според наводите, тексасот е составен дел од американскиот стил и идентитетот на брендот „Гап“.
– Тексасот е во срцето на идентитетот на „Гап“, па сакав да ја истражам неговата функција на сосема нов начин за мојата драга пријателка Деми, изјави Позен.
Домаќин на свеченоста беше Кики Палмер, а меѓу доделувачите беа и Лупита Њонго, Мет Дејмон и Зои Кравиц. Мур последен пат присуствуваше на доделувањето на „ЦФДА“ наградите во 2023 година, кога носеше фустан од „Каролина Ерера“ и ѝ ја врачи наградата за иновација на Гвинет Палтроу за нејзината работа со брендот „Гуп“.
ноември 4, 2026


