Вести
„ЖРСМ Транспорт“: Препораките на ДЗР ги претвораме во конкретни мерки за финансиска и оперативна стабилизација
„ЖРСМ Транспорт“ АД Скопје со целосна институционална одговорност постапува по препораките содржани во Ккнечниот извештај на Државниот завод за ревизија. Препораките ги прифаќаме како важна основа за унапредување на законитоста, транспарентноста, финансиското управување и системот на внатрешни контроли – велат од „ЖРСМ Транспорт“ АД како одговор на денешниот извештај на Државниот завод за ревизија.
Значаен дел од констатираните состојби, додаваат, имаат долгогодишен и системски карактер и се создавале во подолг временски период. Затоа пристапот на актуелното раководство не е ограничен само на формално постапување по одделните препораки, туку е насочен кон отстранување на причините што довеле до финансиски, оперативни и контролни слабости.
Информираат дека од јули 2024 година се спроведува процес на финансиска и оперативна стабилизација, а значаен дел од корективните активности е интегриран во акцискиот план 2026 – 2027 за стабилизација, модернизација и реформа на „ЖРСМ Транспорт“ АД Скопје.
– Унапредено е следењето на ликвидноста, готовинските текови, побарувањата и обврските, како и усогласувањето на сметководствените и аналитичките евиденции. Воведено е редовно месечно управувачко известување со цел навремено идентификување на отстапувањата и ризиците и преземање корективни мерки. Извршено е сметководствено усогласување на инвестициите во тек за градежни објекти кои веќе биле пуштени во употреба, нивно пренесување на соодветните сметки и пресметка и евидентирање на амортизацијата за соодветниот период. Паралелно се спроведува усогласување на материјалната со сметководствената евиденција на средствата, со планирано целосно завршување најдоцна до 31 декември 2026 година – појаснуваат од „ЖРСМ Транспорт“ АД Скопје.
Додаваат дека е почната и имплементацијата на бизнис-сегментацијата, со која приходите, трошоците и одговорностите постепено се разграничуваат по организациски и деловни сегменти. Се воспоставуваат сегментирани трошоци, центри на трошоци и центри на одговорност.
– Паралелно се развива систем за алокација на трошоци – Cost Allocation System, кој треба да обезбеди транспарентна, конзистентна и проверлива распределба на директните, индиректните и заедничките трошоци. Ова е предуслов за реално мерење на резултатите по сегменти и за правилна пресметка на јавната патничка услуга – се вели во соопштението.
Во делот на патничкиот превоз, се работи на подготовка на нова Ммтодологија за пресметка на надоместокот за обврската за јавна патничка услуга – ПСО, заснована на реални и документирани трошоци и приходи.
Новиот модел треба да овозможи пообјективна и проверлива пресметка, поврзана со реалниот обем на услугата и со јасна распределба на трошоците. Целта е надоместокот за јавната услуга да биде транспарентно поврзан со конкретно дефинирана, измерена и документирана услуга.
– Во постапка се активности за набавка на нови и обнова и рехабилитација на постојните возни средства. Пристапот комбинира набавка на нови возни средства со рехабилитација и капитални ремонти на економски оправдан дел од постојниот возен парк. Целта е постепено надминување на долгогодишната недоволна инвестираност, високата старост и ниската техничка расположливост на дел од возниот парк, како и обезбедување поголема сигурност, расположливост и транспортен капацитет.
Се преземаат активности за подобрување на планирањето и контролата на одржувањето, управувањето со возните средства, резервните делови и резервите, како и евидентирањето на потрошувачката на гориво, електрична енергија и вода – се додава во соопштението.
Истовремено, се нагласува во него, продолжуваат активностите за попис и усогласување на фактичката, правната и сметководствената состојба на средствата и недвижниот имот. Изработен е предлог-правилник за попис и формирана е мешовита комисија за негово доуредување со вклучување на специфичностите на железничката дејност.
Воспоставена е практика пописните комисии пред почетокот на работата да изготвуваат планови, а по завршувањето, да доставуваат детални извештаи, со задолжително потпишување на пописните листи. На крајот на фискалната година ќе се врши и усогласување на салдата на побарувањата и обврските со комитентите преку соодветни конфирмации.
– Како дел од мерките за финансиска дисциплина, рационализација на расходите и поодговорно управување со човечките ресурси, бројот на лица ангажирани по договор на дело е намален од 87 на 33 лица, односно за речиси 62 %. Понатамошното ангажирање по договор на дело се врзува за конкретна, образложена и документирана потреба, пред сè за услуги неопходни за непречено одвивање на технолошко-оперативниот процес. Со ова се зајакнува контролата врз кадровските расходи и се обезбедува порационално користење на расположливите ресурси. Во правното и финансиското работење се зајакнуваат постапките за процена на судските ризици, проверка на фактурите и поткрепувачката документација и контрола на исплатите. Изработена е финансиска процена на ризиците што произлегуваат од судските постапки кон доверителите. Првпат е воведена сметководствена евиденција за резервирање средства за судски постапки во согласност со МСС 37 – резервирања, потенцијални обврски и потенцијални средства – информираат од „ЖРСМ Транспорт“ АД Скопје.
Во однос на наследените обврски по заеми од АД МЕПСО, во декември 2025 година е склучен договор за одложена исплата на долг со својство на извршна исправа, со кој обврските се консолидирани во единствена обврска и е утврдена динамика на отплата со краен рок до декември 2028 година.
Зајакната е и контролата на влезните фактури. Исплатите се вршат врз основа на веродостојна, точна и комплетна поткрепувачка документација, со задолжителна проверка на придружните докази пред одобрување на плаќањето.
– Во периодот од јули 2024 до октомври 2026 година Секторот за внатрешна ревизија спроведе 12 внатрешни ревизии во разни организациски единици и процеси. Наодите и препораките од овие ревизии се користат за подобрување на процедурите, зајакнување на контролите и намалување на оперативните и финансиските ризици – нагласуваат од таму.
Паралелно со финансиската консолидација, „ЖРСМ Транспорт“ работи и на приходната страна на реформата. Посебен фокус е ставен на зголемување на меѓународниот товарен железнички сообраќај на Коридорот 10, подобрување на конкурентноста и зајакнување на соработката со регионалните железнички оператори и логистички партнери.
Целта, велат, е подобро искористување на геостратешката позиција на земјата и зголемување на обемот и приходите од товарниот железнички превоз.
Истовремено, се подготвуваат активности за рестартирање и зголемување на железничкиот товарен превоз за домашните индустриски и производствени капацитети. Се анализираат потенцијалните корисници, нивните транспортни потреби и можностите за воспоставување комерцијално одржливи модели за железнички превоз. Целта е некои од товарите, кои во изминатиот период се пренасочиле кон патниот транспорт, повторно да се вратат на железница, со што ќе се диверзифицираат сопствените приходи на компанијата и подобро ќе се искористат расположливите транспортни капацитети.
„ЖРСМ Транспорт“, најавуваат, ќе продолжи со реализација и следење на препораките на Државниот завод за ревизија, со утврдени надлежности, рокови и соодветна документација за преземените активности.
– Нашата определба е констатираните слабости да се третираат како основа за конкретни подобрувања, а не само како формална обврска. Приоритет остануваат законитото и одговорно работење, финансиската одржливост, подобрувањето на квалитетот на услугите и враќањето на довербата на корисниците и јавноста – потенцираат од „ЖРСМ Транспорт“.
Финансиската дисциплина, транспарентното управување, обновата на возниот парк, подоброто одржување, новиот модел за ПСО и зголемувањето на товарниот сообраќај се дел од истиот процес – создавање постабилен, поефикасен и поодговорен национален железнички оператор.
ноември 4, 2026


