Connect with us

Свет

Багаеи: Иран нема да дозволи изнесување збогатен ураниум од земјата

Иран нема да дозволи изнесување на збогатен ураниум од земјата, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, отфрлајќи ја можноста ураниумот збогатен до 60 проценти да биде префрлен во трета земја.

Багаеи на прес-конференција изјави дека за таква можност не се разговарало за време на преговорите во Доха и дека Техеран не би се согласил на таков чекор ниту во рамките на евентуалното постигнување договор.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред неколку дена изјави дека Русија е подготведена да посредува меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, како и да го прифати иранскиот збогатен ураниум доколку неговото поседување претставува спорно прашање во односите меѓу Техеран и Вашингтон.

Говорејќи за повиците Иран да се повлече од Договорот за неширење на нуклеарното оружје (НПТ), Багаеи изјави дека иранскиот народ, имајќи ги предвид настаните во изминатите 15 години, има оправдани причини да се запраша зошто другите страни и понатаму бараат изговори, и покрај напорите на Техеран да ја докаже мирнодопската природа на својата нуклеарна програма. Тој повтори дека иранската нуклеарна програма отсекогаш била и останува со мирнодопска намена, додавајќи дека Иран и натаму е членка на НПТ и ги почитува обврските што произлегуваат од него.

Истовремено, секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, изјави дека во земјата се води расправа за тоа дали Техеран треба да ја задржи постојната нуклеарна доктрина доколку избие нова војна. Резаи во интервју за државната телевизија рече дека засега не е донесена никаква официјална одлука за промена на нуклеарната доктрина, но дека се разгледува можноста за нејзино преиспитување доколку дојде до нов судир.

Иранските официјални претставници и претходно повеќепати истакнуваа дека нуклеарната доктрина на земјата засега останува непроменета, но оставија можност за нејзино преиспитување во зависност од однесувањето на Соединетите Американски Држави.

Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма служи исклучиво за мирнодопски цели и дека нема намера да развива нуклеарно оружје. Поранешниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, издаде и верски декрет со кој набавката, развојот и употребата на нуклеарно оружје ги прогласи за забранети според исламските начела. 

Ad
Ad