Вести
Директорот на БЈБ, Александар Јанев, учествуваше на состанокот на Управувачкиот комитет на проектот EU4FAST
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска, во Скопје, учествуваше на состанокот на Управувачкиот комитет на регионалниот ИПА-проект на Европската Унија – „Поддршка на ЕУ за зајакнување на борбата против шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе во Западен Балкан“ – EU4FAST.
На состанокот, како што информираат од МВР, биле разгледани постигнатите резултати, тековните активности и идните приоритети на проектот, со акцент на унапредувањето на регионалната соработка и зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција.
Јанев истакнал дека вложувањето во знаење, професионална експертиза, современа опрема и технологија е клучно за модернизација на безбедносните институции и поефикасно справување со современите безбедносни предизвици.
Преку обуки, размена на искуства и донации на опрема, проектот, како што посочил тој, придонесува за поефикасна гранична контрола, поквалитетни истраги за трговија со луѓе и шверцување мигранти, како и поуспешно откривање на нелегалните финансиски текови.
Јанев ја нагласил важноста од отворена и ефикасна меѓународна соработка, поинтензивна размена на информации и координирани истраги, истовремено истакнувајќи ја посветеноста на македонската полиција на почитувањето на човековите права, владеењето на правото и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.
На состанокот директорот Јанев упатил благодарност до Европската Унија и земјите членки за поддршката нагласувајќи дека македонската полиција останува активен и рамноправен партнер во зајакнувањето на регионалната безбедност и европската безбедносна соработка.
ноември 3, 2026


