Култура
Најголемите театарски имиња од регионот на фестивалот РУТА во Драмски театар
Шест претстави од водечки театри од регионот, четири монодрами и три театарски работилници се дел од програмата на петтото издание на меѓународниот театарски фестивал РУТА, кој од денеска до 31 октомври ќе се одржува во Драмски театар Скопје.
Во текот на фестивалската недела, на сцената „Ристо Стефановски“ ќе гостуваат театарски ансамбли и продукции од сите членки на Регионалната унија на театри (РУТА). Македонската публика ќе има можност да проследи претстави на Белградско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, Казалиште Улисис во копродукција со САРТР, Местно гледалишче Љубљана и Центарот за култура од Тиват.
Годинашното издание воведува и нова фестивалска програма „МоноРУТА“, во чии рамки ќе бидат изведени четири монодрами од Србија, Хрватска, Црна Гора и Македонија. Македонскиот претставник е монодрамата „Џеки“ во изведба на Трајанка Илиева Вељиќ. Претставите ќе се играат на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности.
Новина се и трите стручни работилници посветени на менаџментот во културата, актерската игра и сценскиот говор. Предавачи ќе бидат Душко Љуштина, Срѓан Обрадовиќ и хрватскиот актер и професор Озрен Грабариќ.
Од Драмски театар информираат дека работилниците ќе се одржуваат на 27, 28 и 29 октомври и ќе бидат отворени за сите заинтересирани посетители. По секоја фестивалска претстава ќе се организираат и традиционални тркалезни маси со учесниците, што ќе ги модерира проф. д-р Ана Стојаноска.
Фестивалот ќе биде затворен на 31 октомври со изведбата на претставата „Љубовта на Федра“ на Драмски театар Скопје.
октомври 26, 2026


