Свет
Американската влада ја прогласи Антифа за „домашна терористичка организација“

Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи левичарското движење Антифа за домашна терористичка организација.
„Антифа е милитаристичко, анархистичко здружение кое експлицитно повикува на уривање на Владата на Соединетите Држави, органите за спроведување на законот и нашиот правен систем,“ соопшти Белата куќа. „Благодарение на лидерството на претседателот Трамп, тие сега се класифицирани како домашна терористичка организација.“
Трамп ја најави оваа одлука минатата недела.
Антифа е левичарско антифашистичко и антирасистичко политичко движење. Тоа не е централизирана организација, туку лабаво поврзана мрежа од групи и поединци, пренесе ДПА.
Одлуката доаѓа 12 дена по убиството на влијателниот конзервативен активист Чарли Кирк, што дополнително ја продлабочи политичката поделба во САД. Наредбата на Трамп против Антифа не содржи директна референца на смртта на Кирк.
Не е јасно како точно американската влада планира да дејствува против Антифа. Според непрофитни истражувачки институти и организации за граѓански права во САД, движењето Антифа нема јасна организациска структура или лидери.
Кирк се сметаше за важен глас на американската десница. Преку настани, подкасти и социјални мрежи, тој допираше до публика од милиони луѓе, особено млади мажи. Во 2012 година ја основа младинската организација Turning Point USA, активна во бројни средни училишта и колеџи.
Малку е познато за точните мотиви на 22-годишниот осомничен за убиството на Кирк. Сепак, веднаш по нападот, Трамп го впери прстот кон реториката што доаѓа од „радикалната левица“. Критичарите го обвинија дека дополнително ја вжештува веќе загреаната атмосфера во земјата наместо да заземе помирувачки тон.
септември 23, 2025