Connect with us

Култура

Отворен конкурсот за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2026 година

Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид го распиша годинашниот конкурс за избор на најдобра поема, што традиционално се објавува во знак на сеќавање на ликот и делото на големиот охридски поет и преродбеник.

Според пропозициите на конкурсот, пријавувањето ќе трае заклучно со 21 ноември, а авторите можат да конкурираат со необјавени поеми на слободно избрана тема.

Поемата не смее да биде пократка од 912 стиха, а секој педесетти стих треба да биде нумериран. Делото треба да биде напишано со фонт со големина од најмалку 11, испечатено еднострано на формат А4 и доставено во четири еднакви шифрирани примероци. Секој автор може да пријави само едно дело, а коавторските дела не се прифаќаат. Конкурсот е анонимен, а за најдобрата поема е предвидена парична награда.

За изборот, односно доделувањето на наградата, одлучува тричлено жири составено од реномирани автори од Северна Македонија.

Заинтересираните автори треба да испратат необјавена поема на адресата на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, ул. „Македонски просветители“ бр. 4, 6000 Охрид, со назнака „Пријава за избор на најдобра поема „Григор Прличев“ за 2026 година“.

Поемите што нема да пристигнат до предвидениот рок или нема да ги исполнуваат условите од конкурсот нема да бидат земени предвид за наградата. Комисијата, согласно правилникот за критериумите и постапката за избор на најдобра поема, ќе ги извести авторите што поднеле уредна пријава за резултатите од изборот.

Наградата на лауреатот ќе му биде доделена во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, што традиционално се одржува на почетокот на февруари во знак на одбележување на годишнината од смртта на Григор Прличев.

Ad
Ad