Култура
Од македонските музички корени до светската сцена, стоечки овации за Дино Имери во Германија
Македонскиот пијанист Дино Имери настапи со оркестарот Вурт Филхармоникер и диригентот Клаудио Вандели на концертот „Традиција и модерна“, одржан во Кармен Вурт Форум во Кунзелсау, Германија. Концертот беше посветен на спојот на македонското музичко наследство и современото симфониско творештво, а заврши со продолжен аплауз и стоечки овации од публиката.
Во програмата беа изведени четири дела од македонски автори: „Ситна Лиса“, во обработка на Дамир Имери, „Рана“ од Дијана Илкоска, „Тешкото“ од Глигор Смокварски и Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери. Во изведбата учествуваше и музичарот Ратко Даутовски на традиционалниот инструмент тапан.
Посебно внимание привлече светската премиера на композицијата „Рана“ од Дијана Илкоска. Германскиот критичар Андреас Дене од весникот „Хајлбронер Штиме“ ја опиша музиката како израз што го објаснува она за кое зборовите не се доволни, истакнувајќи ја изведбата на оркестарот.
Во критичките осврти беше истакната и обработката на „Ситна Лиса“, како спој на фолклорниот мелос и симфонискиот звук, додека „Тешкото“ беше издвоено по својот динамичен и впечатлив музички развој.
Централно место во првиот дел од концертот имаше Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери, во изведба на неговиот син, пијанистот Дино Имери. Неговата интерпретација беше проследена со пофалби за техничката виртуозност, музикалноста и соработката со оркестарот, составен од повеќе од 70 музичари.
Во вториот дел беа изведени оркестарската суита „Мојата мајка Гуска“ од Морис Равел и неговиот Концерт за пијано и оркестар во Г-дур. По завршувањето на програмата, Имери се врати на сцената со два биса – „Мак Олуја“ и „Ревиско Оро“ од Милан Завков, во пијано-аранжман на Дамир Имери.
Шеф-диригентот на Вурт Филхармоникер, Клаудио Вандели, го оцени Дино Имери како исклучителен пијанист, нагласувајќи ја неговата способност да ги спои техничката виртуозност, зрелата интерпретација и изразената музикалност.
Концертот „Традиција и модерна“ претстави значаен настап на македонското музичко творештво пред германската публика, со дела што ја поврзуваат традицијата со современиот симфониски израз.
октомври 21, 2026


