Connect with us

Економија

Во ХЕ „Шпилје” за осум месеци произведени над 113 милиони киловатчасови струја

Во Хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар,  во периодот јануари-август произведени се 113.708.000 киловат часови електрична енергија, што претставува 43 отсто од вкупно планираното годишно производство.

-Просечниот дотек на вода во овој период изнесуваше околу 32 кубни метри во секунда, додека дотекот од локалниот слив беше околу 15 м³/сек. Просечната кота на Дебарското Езеро во август беше 571,18 метри,  со што е обезбедена резерва за производство на дополнителни 21.180.000 квч електрична енергија, изјавија за МИА од ЕСМ.

Додаваат дека и покрај тоа што хидролошката година се оценува како сушна со дотeци под повеќегодишниот просек, АД ЕСМ вовела нов тренд на управување со хидро потенцијалите. 

-Намерата е преку целосна оптимизација на ресурсите за производство на електрична енергија и максимално штедење на акумулираните води, хидроелектраните да работат за покривање на врвниот дневен товар на енергија и за балансирање на електроенергетскиот систем на Македонија, нагласуваат од ЕСМ.

Посочуваат дека  ова овозможува компанијата непречено да дава системски услуги, а истовремено да чуваат резерви за производство на електрична енергија во текот на претстојната грејна сезона. 

ХЕ „Шпилје” заедно со ХЕ „Глобочица” го сочинуваат хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим”.