Connect with us

Свет

Трамп и Венс ќе зборуваат на комеморацијата за десничарскиот активист Чарли Кирк

 Роднините, поддржувачите и соработниците на американскиот десничарски активист Чарли Кирк, вклучувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс, ќе му оддадат почит денеска на голема комеморативна служба во југозападната држава Аризона, објави ДПА.

Настанот ќе се одржи во 11:00 часот по локално време на фудбалски стадион со 63.400 седишта во Глендејл, Аризона, каде што Кирк последен пат живеел со своето семејство. Се очекува да присуствуваат десетици илјади гости, а Трамп и Венс ќе зборуваат заедно со вдовицата на Кирк, Ерика.

Се очекуваат екстремни безбедносни мерки. Земјата е под посебна тензија по фаталното пукање.

31-годишниот Кирк беше застрелан на настан на универзитет во Јута на 10 септември. Наводниот сторител, 22-годишен маж, беше уапсен кратко време подоцна и обвинет за убиство. Тој се соочува со смртна казна.

Убиството имаше неочекувани и значајни политички последици во Соединетите Американски Држави и предизвика загриженост во врска со повиците на Трамп и Венс луѓето кои ја одобруваат или се радуваат на смртта на Кирк да бидат казнети. Критичарите тврдат дека таквиот говор е заштитен со Првиот амандман на Уставот на САД.

Кирк беше многу близок до администрацијата на Трамп и неговото семејство. Преку неговите платформи, вклучувајќи и успешен подкаст, Кирк допре до милиони слушатели, особено до млади луѓе. Критичарите го обвинија за ширење расистички, хомофобични и сексистички ставови.