Connect with us

Регион

Шмит на средба со Вадефул во Берлин: Ситуацијата во БиХ е незадоволителна

Ситуацијата во БиХ е незадоволителна, изјави високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, денеска во Берлин, во текот на разговорите со шефот на германската дипломатија, Јохан Вадеуфул.

„БиХ е европска земја и припаѓа на ЕУ. Иако политичката ситуација во моментов е незадоволителна, ѝ се заблагодарувам на Германија за нејзината постојана поддршка на БиХ и на ОХР“, изјави високот претставник на социјалната мрежа X.

Оценката на Шмит е дека најважниот приоритет во моментов е спроведувањето на владеењето на правото во Босна и Херцеговина.

Ова е очигледна алузија на кризата што беше предизвикана од конечната пресуда и разрешувањето на Милорад Додик од функцијата претседател на Република Српска и упорното непочитување на пресудите на Уставниот суд на БиХ, кои властите во РС одбиваат да ги признаат и спроведат.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина објави предвремени избори за наследник на Додик за 23 ноември, но спроведувањето на тој план е попречено од бројни опструкции од страна на функционерите на СНСД на Додик на различни нивоа на власт.

Министерот за финансии на БиХ, Срѓан Амиџиќ, кој беше назначен на таа позиција од Додик, одби, на пример, да ја потпише одлуката за обезбедување на средствата потребни за спроведување на изборите, па таа задача сега, врз основа на претходната интервенција на Шмит, му припадна на неговиот заменик, Мухамед Хасановиќ од СДП БиХ.

Европскиот пат на БиХ, исто така, е блокиран, а министрите на СНСД упорно го спречуваат усвојувањето на програмата за реформи потребна за БиХ да добие пристап до фондот за развој на ЕУ вреден една милијарда евра.