Свет
Вебстер од „Атлантскиот совет“: „Нафтоводите се под закана; ова е најзастрашувачката фаза од конфликтот“
La Republica
Се наоѓаме на прагот на нова и опасна фаза од конфликтот, предупредува Џозеф Вебстер, експерт за енергија од влијателниот американски тинк-тенк „Атлантски совет“, во интервју за „Ла Република“. Нападот врз клучниот саудиски нафтовод Исток – Запад, истакнува Вебстер, значително ги зголемува влоговите на Блискиот Исток.
Главниот ризик лежи во фактот дека на сегашниот притисок врз поморскиот извоз преку Црвеното Море би можел да се придружи и притисок врз енергетската инфраструктура во Персискиот Залив поради што Ријад повеќе нема да може да ја игра својата историска улога како стабилизатор на глобалниот пазар на нафта.
„Хутите сега се во многу подобра позиција“
На прашањето дали најновите напади означуваат привремена ескалација или почеток на сосема ново поглавје, Вебстер вели дека нема сомнение дека станува збор за нова фаза.
„Хутите зазедоа значајна територија од саудиските сили и денес се во многу подобра позиција да ја прекинат пловидбата низ теснианта Баб ел-Мандеб. Нападот врз саудискиот нафтовод Исток – Запад го стеснува снабдувањето на пазарот на нафта и создава силен притисок и врз Саудиска Арабија и врз САД“, нагласува експертот.
Извозот на нафта е прекинат со недели, ризикот од нови напади расте
Улогата на Ријад како дежурен осигурител на пазарот на нафта сега е директно доведена во прашање. Вебстер објаснува дека во моментот постои целосна неизвесност за тоа колку бргу Саудиска Арабија може да го рестартира производството, а особено самиот извоз на нафта.
„Нападите врз инфраструктурата го запреа извозот веројатно за неколку недели. Клучното прашање е дали тие напади ќе продолжат бидејќи, ако е така, ќе се отворат многу сериозни сомнежи за целокупната способност на Саудијците воопшто да извезуваат нафта“, предупредува Вебстер.
За да го заобиколат затворениот нафтовод, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати почнаа да го зголемуваат транспортот низ теснината, но Вебстер предупредува дека тоа не е трајно решение.
„Постои неизвесност во врска со точните количини што минуваат низ Ормуската Теснина, но тие секако се зголемија од почетокот на конфликтот. Но, проблемот е следниов: ако Иран и Хутите може да го погодат нафтоводот Исток – Запад, мора да се запрашаме дали Иран може да ги погоди и саудиските извозни капацитети во самиот Персиски Залив. Одговорот е: веројатно, може“, тврди аналитичарот.
Што губат САД, а што Кина?
На прашањето кој има повеќе да изгуби во оваа ситуација – САД, кои денес се нето-извозник на нафта, или Кина, која е најголем увозник во светот – Вебстер истакнува дека обете суперсили ризикуваат многу, иако на разни начини.
Иако на хартија позицијата на голем извозник му одговара на Вашингтон кога цените на енергијата растат, САД се исто така огромен потрошувач, а повеќето американски граѓани страдаат директно кога цените на горивата растат. Покрај тоа, американските влогови ја надминуваат цената на барелот на домашниот пазар:
„САД зависат од глобалниот трговски систем, а Блискиот Исток е клучен за енергетската безбедност на американските сојузници и партнери, првенствено во Европа, но и во Азија. Затоа САД се многу индиректно изложени на настаните на Блискиот Исток“, забележува Вебстер.
Од друга страна, изложеноста на Кина е целосно директна. Пекинг, како најголем увозник на енергија во светот, со години се подготвува за нарушувања на Блискиот Исток со складирање стратешки резерви. Но колку подолго трае конфликтот, толку побргу Кина ќе ги потроши тие резерви, а трошоците ќе растат. Сепак, Вебстер заклучува дека во Пекинг постои јасна геополитичка пресметка: Иако Кина не сака скапа енергија, кинеското раководство нема жалење ако овој конфликт ги ослаби или засрами САД.
септември 18, 2026
