Connect with us

Општини

Делчево одбележува 82 години од ослободувањето – историјата не ја создаваат само големите настани, туку и обичните луѓе со изборот во тешки времиња

Делчево денеска одбележува 82 години од ослободувањето и 35 години од независноста на државата. Чествувањетo на двата значајни датуми од историјата на Делчево, започна пред споменикот на паднатите борци во центарот на градот кој го чува споменот на паднатите борци во НОВ од делчевскиот крај пред кого се поклонија и цвеќе положија делегации: од АРМ, од Општина Делчево предводена од градоначалникот Иван Гоцевски, делегација од Советот на Општина Делчево предводена од претседателот Николчо Стојменовски, претставници на институции, здруженија на граѓани и политички партии.

Во чест на празникот на градот се одржа и Свечена седница на Советот на Општина Делчево.

Претседателот на Советот, Николчо Стојменовски, кој ја отвори Седницата, изрази благодарност на сите членови на Советот кои изминатиов период покажаа дека се вистински борци за правата и барањата на своите сограѓани, на сите поранешни градоначалници и  советници кои со својот личен ангажман, несебичен труд и залагање, дадоа значаен придонес во изградбата и развојот на Делчево.

-Денес им оддаваме почит на сите борци, на сите храбри луѓе и на сите семејства кои во тие тешки години поднеле болка, загуби и неизвесност. Им оддаваме почит на оние чии имиња ги знаеме, но и на оние чии имиња можеби не се запишани во учебниците, а сепак оставиле трага во историјата на нашиот град. Затоа што историјата не ја создаваат само големите настани. Историјата ја создаваат и обичните луѓе кога во тешки времиња ќе направат необичен избор. А, изборот на нашите предци бил – слобода, нагласи Стојменовски.

 Во своето обраќање градоначалникот Гоцевски посочи дека секоја генерација има своја задача, а нашата задача е да продолжиме, да го чуваме она што е создадено.

-Да градиме врз тие темели и да создадеме услови за развој и вредности за оние што ќе дојдат по нас, бидејќи „Општеството расте кога луѓето садат дрвја под чија сенка знаат дека можеби никогаш нема да седат.“Градот под Голак, нашето Делчево е нашата света обврска и завет даден пред  граѓаните дека ќе работиме неуморно да го вратиме сјајот на градот во кој се крие нашата младост, се ткае иднината на нашите деца и се чува приказната на нашите родители, минатото покрај немирната вода на река Брегалница. Тоа Делчево е нашиот мотив, како одговорна локална власта да донесеме развој и да ги испишеме новите страници од приказната за Делчево, каде што ќе живеат задоволни граѓани. Сите напори, обврски и предизвици изминативе 12 месеци се со заеднички именител: бескомпромисна работа и развој.  Со поддршка од Советот на Општина Делчево испишуваме историја и докажуваме дека промените се возможни, дека може да се зборува и да се работи за една поинаква општина, нагласи Гоцевски.

На свеченоста беше промовирана и песната за Делчево од делчевскиот гитарист Дарко Тасевски со вокал на Филип Крстевски исто така од Делчево.