Connect with us

Живот

Сингапур со прашање од 70.000 долари: Кој сака да формира семејство?

Guardian

Сингапур најави обемни финансиски и социјални мерки за зголемување на стапката на наталитет, вклучително и директна помош од 70.000 сингапурски долари (55.000 американски долари) по дете до 17 години, во обид да се бори против историски ниските стапки на наталитет.

Tој потег доаѓа откако стапката на наталитет во островската земја падна на рекордно ниско ниво од 0,87. Ова го става Сингапур во групата азиски земји со најниска стапка на наталитет во светот, заедно со Јужна Кореја и Тајван, далеку под стапката од 2,1, што е потребна за едноставно обновување на населението.

Со активирање на новиот пакет мерки, државата ќе им исплати на родителите еднократен грант од 10.000 сингапурски долари по раѓањето на дете, со два дополнителни гранта од по 5.000 долари за здравствени и образовни трошоци.

Пакетот вклучува и годишни „детски кредити“ од 2.000 долари за деца од една до 16 години, намалување на месечната цена на субвенционираните градинки на 150 долари и значително продолжување на родителското отсуство.

Проекциите покажуваат дека Сингапур официјално ќе добие статус на супер-општество оваа година, што според дефиницијата на ОН значи дека повеќе од 21 процент од населението е составено од луѓе над 65 години. За властите, ова претставува сериозен економски аларм, бидејќи намалувањето на бројот на жители на работоспособна возраст мора да издржува се поголема популација на пензионери.

„Иднината на Сингапур ќе биде толку силна колку и семејствата што ја градат“, рече премиерот Лоренс Вонг.

Тој призна дека многу граѓани се плашат од иднината што ги чека нивните деца и од обемот на обврските што ги подразбира родителството.

Сепак, реакциите на јавноста покажуваат дека само паричните субвенции не можат да ги променат навиките и социјалните притисоци преку ноќ. Неодамнешно истражување на агенцијата YouGov покажа дека една четвртина од Сингапурците воопшто не планираат да имаат деца.

Ли (34) е вработен во финансискиот сектор и живее со сопругата на источниот брег на Сингапур. Тој тврди дека парите не се единствениот фактор.

„Моментално сме задоволни од нашите животи, а детето би го комплицирало сè. Потребно е огромно време и откажување од патувања и излегувања, што не сме подготвени да ги жртвуваме во овој момент“, рече Ли.

Освен финансиите, клучните пречки се исклучително конкурентниот образовен систем, напорната работна култура и високите трошоци за живот.

Притисокот за постигнување врвни резултати создаде огромна индустрија на приватно подучување, додека социолозите предупредуваат дека родителите се оптоварени со дополнително образование за децата од предучилишна возраст.

Сепак, кај некои граѓани, владините мерки влеваат оптимизам.

Координаторката за градежништво, Икбар Хишам (27), верува дека најавените субвенции и поддршката за грижа за деца ја охрабриле да планира семејство штом ќе се омажи, и покрај „неподносливо високите“ трошоци за живот во градот.

Од друга страна, оние кои веќе имаат деца ја нагласуваат важноста на пошироката поддршка.

За мајката на три деца и менаџерка Шу Ронг Тео (41), балансирањето помеѓу работата и семејството беше можно само со помош на домаќинка, семејството на нејзиниот сопруг и новите мерки што го зголемија бројот на денови родителско отсуство за родителите од два на 12 во текот на година.