Connect with us

Вести

Јаневска: Намалувањето на ученичката кошничка за 15 отсто е добро и олеснително за родителите

Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека 15-процентното намалување на ученичката кошничка е добро и е олеснителна околност за родителите.

Одговарајќи на новинарско прашање денеска на прес-конференција, таа нагласи дека процентот е прилично соодветен и ќе биде од корист за родителите.

– Државата го прави она што може да го направи. Не заборавајте дека образованието, основно и средно, е задолжително, но и бесплатно. Учениците добиваат учебници, тоа е помош на родителите, добиваат превоз, што е исто така помош на родителите, општините обезбедуваат електронски уреди, одреден број општини обезбедуваат ужина и храна. Значи, она што можеме да го направиме, го правиме. Сметам дека ова е добра олеснителна околност за родителите – истакна Јаневска.

Во врска со висината на студентскиот оброк рече дека во овој момент не планираат зголемување, а немале ниту барање од студентите, бидејќи, според министерката, сумата ја покачиле наеднаш пред две години за 20 денари наместо предвидените по седум денари годишно. 

– Јас сум во постојан контакт со студентските организации. Пред две години во разговор со студентите тие бараа проширување на опсегот и рекоа дека се задоволни од цената. Но пред тие две години ние, наместо да покачуваме по седум денари, односно да се усогласуваме со инфлациската стапка, ние покачивме одеднаш 20 денари. Значи, најмалку за три години однапред ние им дадовме пари на студентите и досега кај мене или во Министерството поплака за студентскиот оброк не е стигната – изјави Јаневска.

Смета дека студентите се задоволни од износот, но и од проширувањето на опсегот и постдипломците да имаат студенстки оброк.

Во однос на ревизорскиот извештај за работењето на студентските домови, таа истакна дека е забележано недомаќинско работење од раководството на неколку студентски домови и оти е пријавено во релевантните институции, кои треба да постапат.