Вести
Одбраната го испрашуваше вештакот: Кој бил должен да обезбеди пренамена на „Пулс“?
Со вкрстени прашања од одбраната за градежните вештаци кои учествувале во изработката на градежното вештачење на Обвинителството, денеска во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, кој во време на изработка на градежното вештачење бил декан на Градежниот факултет, одговарајќи на прашања на одбраната на сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, одговори потврдно на прашањето дали ќе се согласи дека состојбата на денот на издавање на објектот под закуп не е причина за последиците за настанување на пожарот.
Тој потврдно одговори и на прашањето дали ќе се согласите дека предметниот објект не е граден за дискотека.
На прашање дали ќе се согласи дека во списите на предметот нема ниту еден доказ дека сопственикот на објектот презел какви било дејствија што може да се поврзат со причините за последиците од пожарот, вештото лице рече – делумно да.
-Делумно. Ќе наведам еден факт што може да се поврзе со пренамената, а се работи за преземени дејствијата од сопственикот, а тоа е изведба на потпорна платформа на дел од објектот, што има одредена повразност, изјави вештакот.
Во однос на потпорните столбови и дали може да биле правени за друга намена на објектот, вештакот рече дека не е исклучена можноста да се поставени за друга намена.
– Секогаш постои одредена веројатност, но имајќи ја предвид конструкцијата, местоположбата во просторот, материјалите од кои е изведена, веројатноста дека е изградена за нешто друго е многу мала. Ова е мој став – изјави вештакот.
Прашан дали ќе се согласи дека нивното постоење не е во директна причинско – последична врска со последиците од пожарот, вештото лице рече дека се согласува.
На прашање дали ќе се согласите дека во списите на предметот не постои никаков доказ дека закупецот побарал или го известил за направените реконструкции сопственикот на објектот, вештакот рече, „да се согласувам“.
На серија прашања од одбраната за причините за пожарот и одговорноста за негово настанување и ширење, вештакот рече дека “брзото ширење на пожарот е директна последица на изборот на несоодветни материјали за градба, но нашето вештачење не се занимава со причините за настанување на пожарот”.
– Согласно закон за градење, барање за пренамена треба да поднесе сопственикот на објектот – изјави вештакот.
Адвокатката на сопственикот на објектот, му укажа на вештакот дека во договорот за закуп има член дека потребните документи за извршување на дејност ќе ги обезбеди закупецот, но вештакот повторно укажа на Законот за градење.
-Врз основа на тој нивен интерен договор општината не може да издаде одобрение, мора или полномошно или сопственикот лично, тоа е мое мислење – изјави вештакот.
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработил, како што е најавено треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството, по што, треба да почне со изведување на докази одбраната.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
август 25, 2026
