Connect with us

Свет

Анкета: Се повеќе Американци губат доверба во вакцините

Резултатите од најновата анкета нарачана од „Вашингтон пост“ и невладината организација „Кеј-еф-еф“ (КФФ) покажуваат дека секој шести родител избегнува или ја пролонгира имунизацијата на децата поради недостиг на доверба во вакцините.

По пандемијата Ковид-19 сè поголем број Американци не веруваат во вакцините. Таквиот тренд се зголемува по именувањето на Роберт Кенеди Помладиот за министер за здравство, кој е скептичен кон вакцините.

Анкетата покажува дека родителите кои ги избегнале или одложиле вакцините за своите деца се белци, конзервативци и многу религиозни, а голем број нивни деца се образуваат во домашни услови.

На национално ниво во 2019 година 95 отсто од децата во градинките биле вакцинирани против морбили, а минатата година нивниот процент изнесувал 92,5. Во американската сојузна држава Ајдахо вакцинирани се под 80 проценти од децата во градинка, што е далеку од препорачаните 95 отсто за постигнување на колективен имунитет.

Како резултат на падот на имунизацијата, САД во 2025 година има најлоша епидемија на мали сипаници по повеќе од 30 години, при што починаа три лица од кои две деца.

Во САД вакцините против мали сипаници, заушки и рубеола се задолжителни за децата да одат на училиште. Сепак, во многу држави, родителите можат да наведат медицински причини или религиозни верувања, за нивните деца да бидат ослободени од задолжителната имунизација.

Со анкетата биле испитани повеќе од 2.500 родители.