Култура
Охридско лето го заокружи 66. фестивалско издание со 48 настани и повеќе од 700 уметници
Со 40 фестивалски дена, 48 настани и учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји, фестивалот Охридско лето ја заокружи годинашната фестивалска програма.
Охридско лето, и по 66 години, останува еден од најпрепознатливите македонски културни брендови, со силно меѓународно присуство и место на европската фестивалска сцена. Со врвни уметници, разновидна програма и публика од земјата и странство фестивалот ја продолжува својата улога на културен мост меѓу Македонија и светот…
Како што соопштуваат од управата на фестивалот, во рамките на програмата беа реализирани успешни концерти, театарски и балетски претстави, како и четири џез-вечери. Голем интерес кај публиката предизвикало свеченото отворање со оперската гала „Љубов“, на кое настапија оперските уметници Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново, со оркестарот на Националната опера и балет. Настанот, според организаторите, беше распродаден две недели пред фестивалот, а го проследија повеќе од четири илјади посетители.
Од Охридско лето наведуваат дека и голем број други настани биле распродадени пред нивното одржување, со што, како што оценуваат, е потврден големиот интерес на публиката за програмата.
„Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика, која беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што интересот беше огромен уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат“, вели директорот на Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски.
Посебно место во програмата имаше OH, JAZZ 2026, со настапи на повеќе реномирани музичари, меѓу кои Нубаја Гарсија и Питер Сомуа.
Фестивалската програма опфати и театарски претстави, балетски вечери, камерни и вокално-инструментални концерти, како и содржини посветени на македонското културно наследство.
Меѓу настаните со голем интерес кај публиката биле концертите на Стефан Миленковиќ, Ана и Игор Дурловски и Националниот џез-оркестар.
Директорот Цуцковски им се заблагодари на уметниците, фестивалскиот тим, публиката, Министерството за култура и туризам, партнерите и спонзорите за поддршката на фестивалското издание.
– Охридско лето продолжува со уште поголема одговорност, уште повисоки стандарди и со јасна цел – оваа македонска културна визит-карта да биде уште посилна и повидлива во светот – додава тој.
август 21, 2026
