Култура
Отворена 59. Летна школа по македонски јазик, литература и култура на УКИМ во Охрид
Шеесет македонисти, слависти, балканолози, филолози, културолози и преведувачи од Албанија, Аргентина, Бугарија, Италија, Јапонија, Канада, Кина, Полска, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција и Хрватска учествуваат на 59. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од денеска се одржува во Конгресниот центар во Охрид.
Пред учесниците на Школата на отворањето се обрати министерката за образование и наука Весна Јаневска, која го истакна значењето на Меѓународниот семинар за македонскиот јазик и за државата.
-Образованието и науката претставуваат темели за иднината на нашиот јазик. Со заеднички сили на Министерството, Владата, Меѓународниот семинар и УКИМ го одржуваме овој семинар и секоја година го потврдуваме она што е исклучително значајно и за јазикот и за нашиот идентитет, рече таа.
Јаневска потсети дека се преземаат активности за унапредување на македонскиот јазик, меѓу кои стипендирање на додипломски, постдипломски и докторски студии, како и поттикнување на творештвото на македонски јазик.
-Успеавме да отвориме седум лекторати кои на некој начин беа запоставени. На наше најголемо задоволство, со заеднички сили успеавме и тоа да го направиме. Се надевам дека бројот на учесниците на семинарот од година во година ќе се зголемува. Се гордееме со овој семинар и се надеваме дека на овој начин ќе го шириме не само македонскиот јазик, туку и македонската култура во светот, рече таа.
Директорката на МСМЈЛК при УКИМ Кристина Николовска истакна дека учеството на македонисти на Летната школа претставува импресивна македонистичка палета во големата традиција на семинарот, која трае речиси шест децении.
-Тоа е грандиозна македонистичка река и ние секоја година го сееме македонистичкото семе. Преку ова годишно македонистичко собрание праќаме извонредна порака на соработка, пријателства, проучување на македонистиката, македонскиот јазик, наука и култура, рече таа.
Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова, традиционално како и секоја година, ги додели и годинеашните награди за македонистика. Добитник на најголемата награда „Воздејства“ годинава е проф. д-р Кристина Крамер од Канада, додека благодарници „Синергии“ им беа доделени на министерката Весна Јаневска и на Државна лотарија на Северна Македонија.
За Летната школа и Меѓународната научна конференција рече дека претставуваат значајна мисија за афирмација и ширење на македонистиката во светот. Таа нагласи дека годинава на двете програми ќе учествуваат вкупно 135 македонисти, што, според неа, ја прави манифестацијата најголемо македонистичко собрание во светот.
– Ова е импресивна, грандиозна мисија на македонистиката во која сите ние сме заедно. Нашиот најголем и свет завет е прекрасниот и раскошен македонски јазик, кој има извонредна наука, извонредна лингвистика, наука за книжевноста и културологија, што е нашето претставително лице во светот, рече Ангелова.
Таа ја нагласи и важноста од отворањето нови лекторати по македонски јазик, но и одржувањето на континуитетот на постојните, оценувајќи дека тие се важен инструмент за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.
– Исклучително е важно да се отвораат нови лекторати, но и да се задржи континуитетот на веќе постојните, бидејќи тие ја прават таа мисија. Ние сме правопотомци на големата мисија на Охридската книжевна школа и тие постулати на просвета, на проширување на знаењето за македонскиот јазик, литература и култура се највисока наша репрезентативност во светот, истакна ректорката.
Ангелова посочи дека македонистите се и значајни амбасадори на македонската култура во светот, а интересот за македонистиката на странските универзитети го оцени како особено значаен.
– Тие се амбасадори на нашата култура. Со тоа се претставуваме, со тоа се етаблираме во светот и навистина има многу голем број студенти, дури повеќе запишани во странство имаме на македонистика, што е навистина импресивно. Тоа е една дисперзија на меѓународната академска програма на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, рече Ангелова.
За семинаристите, меѓу кои универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и голем број млади кадри, подготвена е програма која, покрај лекторската настава и предавања, вклучува и низа настани како интерактивна и амбиентална настава во стариот дел на Охрид, курс по македонски народни ора, преведувачка работилница, културно-уметничка програма, промоции и научна екскурзија. Активностите имаат цел на странските македонисти да им овозможат и нови видици за македонскиот јазик, литература и култура.
Како и останатите изданија, по Летната школа ќе се одржи 53. Меѓународна научна конференција, на која ќе учествуваат 75 научни истражувачи од земјава и странство. Вкупно 135 македонисти – студенти, предавачи и научни истражувачи – ќе бидат дел од програмите посветени на македонскиот јазик, литература и култура.
Во рамки на програмата ќе бидат промовирани и шест нови зборници, меѓу кои зборниците од минатогодишната Летна школа и Меѓународната научна конференција, три зборници од преведувачката работилница посветени на Гане Тодоровски, Петре Андреевски и Анте Поповски, како и „Излишно писмо до Бога / Zbyteczny list do Boga“ со препеви на полски јазик од проф. д-р Маќеј Кавка.
август 21, 2026
