Култура
Објавено македонското издание на двојазичната стихозбирка „Венец за Искра“ од словенечкиот автор Милан Јазбец
Во издание на „Студентски сервис“ од Скопје излезе од печат македонското издание на двојазичната македонско-словенечка стихозбирка „Венец за Искра – Venec za Iskro“ од словенечкиот дипломат, универзитетски професор, писател и поет проф. д-р Милан Јазбец.
Книгата е објавена неполни два месеца по словенечкото издание на „Културен центар Марибор“, кое беше промовирано под наслов „Venec za Iskro – Венец за Искра“.
Стихозбирката е посветена на Искра Чоловиќ (1960-2023), долгогодишен радиоспикер, новинар и публицист, која остави значаен белег во македонското радио-новинарство и културниот живот. Авторот преку своевиден автохтон сонетен венец ги опева нејзиниот живот, творештво и личност, претставувајќи ја како една од препознатливите фигури на Македонското радио.
Чоловиќ во текот на својата 22-годишна кариера во Македонското радио реализираше илјадници документарни прилози и емисии, а како автор и новинар беше препознатлива по емисиите за деца и младинска публика, меѓу кои „Добро утро, љубопитни“, „Мал радиовесник“, „Шарена емисија“, „Нова планета“ и „Меридијани“.
Покрај новинарската работа, таа беше автор, коавтор или приредувач на повеќе книги од областа на литературата, културата и меѓукултурниот дијалог. Посебен придонес даде во афирмацијата на творештвото на првата македонска поетеса Даница Ручигај, за која заедно со публицистот Свето Стаменов објави повеќе книги и реализира документарен филм.
Според издавачот, „Венец за Искра“ претставува поетски омаж за жената која со својот автентичен глас, професионализам и културен ангажман остави трајна трага во македонскиот медиумски простор. Структурата на книгата ја сочинуваат циклусите „Етер“, „Емисии“ и „Магистрал“, а во изданието се вклучени и факсимили од ракописите на словенечки и македонски јазик.
август 20, 2026
