Култура
Мјузиклот „Као какао“ на Венко Андоновски и Влатко Стефановски за свечено затворање на „Охридско лето“
Со изведбата на современиот македонски мјузикл „Као какао“, работен по текст и драматургија на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски и со музика на Влатко Стефановски, вечерва на „Долни Сарај“ свечено ќе биде затворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
„Као какао“ е мелодрамска љубовна приказна сместена во 70-тите години на минатиот век, која преку љубовта, амбицијата и стремежот кон слобода ја следи генерацијата соочена со притисоците, стереотипите и ограничувањата на времето во кое живее.
Музиката на Влатко Стефановски е централен двигател на мјузиклот, кој обединува голем актерски ансамбл и сценски израз исполнет со љубов, бунт и стремеж кон остварување на сопствените соништа.
Во претставата настапуваат Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.
Музичките аранжмани и оркестрацијата се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Марија Пупучевска.
Претставата трае два часа.
Инаку, 66. издание на „Охридско лето“ во текот на 40 фестивалски дена понуди богата и разновидна програма со вкупно 48 настани, во кои учествуваа повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот.
Програмата опфати музички, драмски и балетски остварувања, концерти на реномирани солисти и ансамбли, како и премиери на театарски претстави од домашни и странски продукции, со што фестивалот уште еднаш ја потврди својата меѓународна димензија и позиција на светската културна мапа.
август 20, 2026
