Connect with us

Здравје

Рано препознавање на деменцијата: Специфични симптоми кај помладите лица и препораки од експертите

Иако најчесто се поврзува со постарите лица, деменцијата може да се појави и кај помладите луѓе без други здравствени проблеми, при што раното препознавање е клучно за утврдување на причината, поставување соодветна дијагноза и навремено започнување со третман, предупредуваат експертите.

Симптомите можат да бидат различни во зависност од видот и причината за болеста. Еден таков специфичен облик е фронтотемпоралната деменција (ФТД), која најчесто се јавува меѓу 45 и 65-годишна возраст како последица на оштетување на фронталните и темпоралните делови на мозокот. Кај овој вид, првите знаци не се секогаш поврзани со памтењето, туку пред сè се манифестираат како забележливи промени во личноста, однесувањето или говорот.

Лицето може потешко да ги пронаоѓа вистинските зборови, да зборува побавно или да се соочува со проблеми во разбирањето, како и со тешкотии во планирањето, организацијата, донесувањето одлуки, движењето, координацијата и рамнотежата.

Од друга страна, меѓу можните рани знаци на други форми на деменција се и заборавањето неодамна научени информации или важни датуми, постојаното повторување на истите прашања и тешкотиите при извршувањето секојдневни познати задачи. Исто така, лицето може да почне да се губи или да има проблеми со просторната ориентација. Ваквите промени во секојдневието најчесто погрешно се припишуваат на стрес, проблеми во врската или на работното место, депресија или на менопаузата, а појавата на болеста може да има и генетска основа.

Болеста може драстично да напредува во зависност од видот и индивидуалните карактеристики на пациентот. Тој или таа може да се соочи со променливо расположение, збунетост за просторот и времето, непрепознавање луѓе и изразени тешкотии со памтењето. Во подоцнежните фази се развиваат посериозни состојби, по што лицето станува целосно зависно од туѓа нега и помош.

Иако за ова заболување сè уште нема лек, лекарите нагласуваат дека со применување на соодветни препораки и терапија може значително да се забави неговото напредување. Экспертите потсетуваат дека повременото заборавање, заморот или проблемите со концентрацијата не значат нужно појава на деменција, но оти овие знаци не треба да се игнорираат доколку се чести и упорни.

Според процените на организацијата „Алцхајмерс рисрч УК“ (Alzheimer’s Research UK), бројот на заболени од деменција во светот до 2050 година би можел да достигне до околу 153 милиони луѓе.