Connect with us

Вести

МЕРМС: Почна институционален процес за заштита на македонскиот рубин

По иницијатива и залагање на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, започна сериозен институционален процес за заштита на македонскиот рубин – геолошки уникат што се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и е единствениот рубин во Европа што природно се вади и обработува, соопштија попладнево од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

На состанокот меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост, дефинирани биле конкретни чекори за да се обезбеди официјален статус на македонскиот рубин како заштитено национално минерално наследство.

– Геолошкиот завод ги запозна присутните со веќе изработената анализа за правната заштита, што ќе биде надополнета согласно новите податоци, а дополнително беше истакната и потребата од поширока институционална координација, се истакнува во соопштението на МЕРМС.

Се додава дека на средбата присуствувал и „долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој ја пренесе историјата и значењето на секој примерок, изработен со овој исклучителен камен“.

Министерката Божиновска кажала дека македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство.

– Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост, потенцирала Божиновска.

Во соопштението се додава дека „рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розева боја, што се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура“.

– Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, тој претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост, се нагласува во соопштението на МЕРМС.