Connect with us

Вести

Се помалку луѓе живеат во демократски систем, апел до младите за политички и општествен активизам

Демократијата не е нешто што е дадено, туку континуиран процес, а нејзината иднината, дали таа ќе напредува ќе зависи од младите генерации. Политичките институции и партии мора да отворат повеќе простор за учествуво на младите, а младите мора да ја искористат таа можност за политички активизам.

 Ова беше кажано по повод Меѓународниот ден на демократијата -15 Септември, во Собранието, каде пред средношколци од повеќе градови од земјава беа претставени придобивките, можностите и предизвиците за демократијата, како систем кој се однесува на нивниот секојдневен избор и можности што треба да ги искористат за промени. 

На днешениот Едукативен семинар „Демократијата и Собранието“ за учениците беше укажано дека сите треба да работат заедно за да ја бранат демократијата како најдобра рамка за слобода и оти се помалку луѓе живеат во демократски систем.  Парламентот, беше посочено, има важна улога бидејќи тој е сржта на демократијата и местото каде треба да преовладуваат дијалогот и компромисите. 

Претседателот на Собранието Африм Гаши, на отворањето на настанот рече дека сакаат да ги мотивираат младите за политички и општествен активизам, за поголемо учество во демократските процеси, за што, нагласи, најдоброто место е Собранието.

– Граѓаните ни даваат глас на нас партениците, а ние преку дебати и парламентарни процедури, носиме закони и одлуки важни за иднината на државата. Би сакал секој од вас да биде мотивиран од денеска да се види себеси во парламентарните клупи, ако не и на претседателското место. Секој од вас има капацитет. Суштината на демократијата е што ние правиме за другите, што е и суштината  на животоот, тука почнува хуманото и човечното. Паралелно со тоа што ќе се градите интелектуално, етички и професионално, сакам да градите и една друга компонентна – политичкиот и општествениот активизам – што вие ќе направите  за другите, за вашето семејство, пријатели, соседство,  наведе Гаши.

Михал Харари, заменик-амбасадор на Швајцарската Конфедерација во државава пак истакна дека „иднинатата на демократијата не е нешто што е дадено и оти тоа ќе зависи од младите генерации“.

– Вашиот глас, вашето учество и вашата храброст ќе одредат дали демократијата во земјата ќе напредува или опаѓа. Политичките институции и партии мора да отворат повеќе простор да учествуваат младите, но младите  во истовреме мора да ја искористат таа можност и да се ангажираат, рече заменик  амбасадорката Харари. 

Таа укажа дека постојат различни демократии и оти дури и тие што сега се чини дека се стабилни, се соочуваат со многу предизвици, како и оти живееме во време на  лажни вести, поларизација, краткорочно размислување и политика и многу слаб дијалог во многу општества. Посочи дека е многу важно да се размислува и дискутира за демократијата истакнувајќи дека ако пред една деценија половина од светското население живееше во демократски систем,  денес тоа е намалено на една третина.

– Се помалку луѓе всушност живеат во демократски систем. Ова опаѓање не е закана само за институциите, туку и за иднинатата на младите, нивното  право да зборуваат слободно, да студираат, да работат и да живеат безбедно. Според  многу извештаи  на меѓународните оргаизации, глобалната слобода е исто така многу опадната веќе 19 години и секоја година се забележува опаѓање. Во годините кога се одржуваат изборите ширум светот многу е важно да се размислува повторно за демократијата. Многу изборни процеси се обележани со насилство и заложби да се ограничи изборт на гласачите. Но, демократијата не е завршен производ, туку континуиран процес и пракса, наведе заменик-амбасадорката.

Пред средношколците се обрати и потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски кој укажа на придобивката од живеењето на европскиот континент каде рече досега демократијата има најдобар развој и стандарди. 

-Демократијата не е идеален систем, има свои недостатоци, може да биде злоупотребена, но сепак таа е најдобриот систем на управување, контрола, избор, давање и одземање доверба на избраните, итн. Тој систем треба да се задржи и да се подобрува, рече Милошоски.

Собранискиот потпретседател на средношколците им ги претстави системите на управување во државава, но и во Швајцарската Конфедерација, Саудиска Арабија, Северна Кореја.

-Македонија го следи примерот на континенталната европска демократија, нешто слично на Германија каде што има локална самоуправа избрана на демократски начин, со градоначалници, советници, со извршна власт, Влада која ги има најголемите надлежности, Собранието коешто ја контролира и демократски непосредно избран Претседател на државата кој има можности да биде отповикан, додаде Милошоски. 

Активностите со младите во законодавниот дом денеска опфаќаат презентација од собраниските служби на тема „Политичка писменост, демократија и активно граѓанство“, а ќе се одржат и Работилниц: Креативен натпревар „Каква демократија сакам утре? Снимање на тик-ток куси видеа на зададената тема’, како и Квиз натпревар „Што знаеш за демократијата и Собранието“.