Connect with us

Вести

Костадиновски: Потребно е повторно да учиме да бидеме обединети околу Уставот, владеењето на правото и заедничката одговорност кон Републиката

По повод одбележувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски упати честитка во која порача дека сите граѓани треба да се обединат околу Уставот и дека чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото.

„Денес, кога одбележуваме 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, со длабока почит се поклонуваме пред визионерството, храброста и жртвата на генерациите кои ги поставија темелите на македонската државност.

Идеалите на илинденците и на асномската генерација нè обврзуваат да создадеме просперитетна, современа и правна држава, во која институциите ќе постапуваат одговорно, а граѓаните ќе имаат доверба дека нивните права и слободи се сигурно заштитени.

Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото, почитувањето на Уставот и јакнењето на правната држава.

Силата на Уставот лежи целосно во посветеноста на секој граѓанин да го штити истиот. Само доколку секој од нас ја чувствува таа должност, уставните права и слободи ќе бидат вистински заштитени, а правната држава ќе биде наша заедничка реалност. Денес повеќе од кога било, потребно е повторно да учиме да бидеме обединети околу Уставот, владеењето на правото и заедничката одговорност кон Републиката.

Илинденската идеја не завршува со освојувањето на слободата. Таа продолжува со обврската да ја чуваме истата. Мирот и слободата се неразделни, а праведното општество може да постои само таму каде што владее правото и секој ја презема својата одговорност кон државата и кон Уставот. Нека ни е честит и вековит Илинден – Денот на Републиката! „-порача претседателот на Уставниот суд.