Вести
Мицкоски: Годинава ќе заврши подготовката за експресниот пат Кочани – Виница – Делчево
Распишан е повик за изработка на физибилити-студија и проектно решение за експресниот пат Кочани – Виница – Делчево, а се очекува постапката да биде комплетирана до крајот на годината – изјави денеска во Делчево премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за иднината на патното поврзување на Пијанечкиот и Малешевскиот Регион, Мицкоски истакна дека во тек е првата фаза од подготовката на проектот.
– Конечно, распишан е тендер за проектно решение, односно физибилити-студија за експресниот пат Кочани – Виница – Делчево. Очекувам оваа година сето тоа да се комплетира и веќе следната да почнеме со тендер за изведба – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека станува збор за процес што подразбира повеќе подготвителни чекори пред почетокот на градежните активности.
– Таков е процесот. За да дојдеме до градба, најпрвин треба да имаме физибилити-студија, претпроектно решение и друга потребна документација. Повикот е веќе распишан – рече премиерот.
Според него, реализацијата на експресниот пат е значајна за понатамошниот економски и туристички развој на источниот дел од државата, особено за општините Делчево, Берово и Пехчево.
јули 30, 2026
