Регион
Андрулакис: Западен Балкан е геополитичката длабочина на Грција, на Европа ѝ е потребно проширувањето

Западен Балкан е геополитичката длабочина на Грција. Интеграција во Унијата значи добрососедски односи и меѓусебно почитување, а не националистички игри, недостиг на почитување на човековите права, недостиг на почитување на малцинствата, ова не е прифатливо. Затоа, секоја земја што се стреми да се влезе во ЕУ треба да ја почитува целата оваа рамка на функционирање и на Европа, но и на Грција како членка на ЕУ, нагласи претседателот грчката опозициска партија ПАСОК Никос Андрулакис за време на прес-конференцијата на Меѓународниот саем во Солун.
Одговарајќи на новинарско прашање за ЕУ перспективата на Западен Балкан и на Албанија, Андрулакис посочи дека на Европа ѝ е потребно проширувањето, особено во моменталната геополитичка средина, но земјите кандидатки треба да ги исполнат поставените услови.
– Сметам дека овие земји треба да влезат кога ќе бидат зрели економски, општествено и политички. На Европа ѝ е потребно проширувањето, но проширување со правила, за да не се оспори карактерот на европското законодавство, без да се оспорат европските вредности, но и без да се оспори геополитичката стратегија на самата Унија, која може денес не е целосна, но во некој момент треба да се финализира кога живееме во време на предизвици како промената на ставот на САД, варварската инвазија на Путин во Украина, проблемите од Ердоган во нашето соседство, сето ова треба конечно да се испланира во овие сегашни реалности и во современи услови за доброто на сите европски народи и сите народи на Балканот, рече Андрулакис.
Прес-конференцијата на лидерот на ПАСОК траеше нешто помалку од три часа, а Андрулакис одговори на околу 40 прашања поврзани со економијата, внатрешната и надворешната политика на Грција, мигрантското прашање, демографскиот проблем, а паралелно уште еднаш го повтори она што го порача синоќа за време на говорот на Меѓународниот саем дека на земјата ѝ е потребна политичка промена
септември 15, 2025