Вести
Најавена инвестиција од 74 милиони евра за реконструкција и проширување на Клиничката болница во Тетово
Министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со заменик-министерот Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, делегација на Светската банка и претставници на Министерството за здравство, денеска ја посети Клиничката болница во Тетово. На средбата присутен беше и директорот на Клиничката болница Тетово, Ерзен Елези.
На средбата, како што соопшти Министерството за здравство, бил презентиран концептот за темелна реконструкција, проширување и модернизација на болницата. Проценетата вредност на инвестицијата изнесува 4,56 милијарди денари, односно речиси 74 милиони евра, а конечниот финансиски модел ќе биде утврден по изработката на потребните анализи и спроведувањето на предвидените постапки.
– Проектот предвидува реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности, посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи, отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс – се наведува во соопштението.
Според министерот Клековски, ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници.
– Нашата цел е граѓаните од Тетово и Полошкиот Регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење – нагласува Клековски.
Инвестицијата, како што посочи, е од непосредно значење за речиси 251.500 жители на Полошкиот Регион и треба да овозможи повеќе локално достапни услуги, пократко време на чекање и помалку упатувања во Скопје.
Во рамките на посетата, со претставниците на Светската банка биле разгледани следните чекори за реализација на проектот, меѓу кои подготовка на физибилити-студија, изработка на техничка документација, анализа на трошоците и придобивките, како и дефинирање одржлив модел на финансирање.
Министерството за здравство најави дека во соработка со Фондот за здравствено осигурување, Општина Тетово и раководството на Клиничката болница, ќе обезбеди координирана подготовка, транспарентност и институционална поддршка во сите фази од реализацијата на проектот.
– Модерна тетовска клиничка болница значи посилно регионално здравство и поквалитетна здравствена заштита поблиску до граѓаните – се додава во соопштението од Министерството за здравство.
јули 30, 2026
