Вести
ДЗР констатираше неправилности во Комисијата за заштита на конкурецијата: Пропусти во тендери, неосигуран имот
Државниот завод за ревизија го објави извештајот за ревизија на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
– Извршивме ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеноста на Комисија за заштита на конкуренцијата на сметка на основниот буџет (637) за 2024 година. Со извршената ревизија изразивме мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година за сметка на основниот буџет (637) и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики. Не е извршена ревизија, ниту е издаден извештај за годините што ѝ претходат на годината што е предмет на ревизија на Комисија за заштита на конкуренцијата на сметка на основниот буџет (637). Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста кај Комисијата за заштита на конкуренцијата, сметка на основен буџет (637) за 2024 година, констатирани се следниве состојби: материјалната и сметководствената евиденција не се усогласени поради отсуство на вредносни показатели во пописните листи – соопшти ДЗР.
Од таму наведуваат дека Комисијата нема преземено мерки за заштита на имотот преку осигурување, отсуство на единствена евиденција на предмети за кои се изречени глоби, слабости во содржината на тендерска документација и техничка спецификација во дел од постапките за јавни набавки.
– Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата даде препораки со цел преземање мерки и активности од одговорното лице во функција на подобрување на состојбите. Во текот на ревизијата од страна на одговорните лица на Комисијата за заштита на конкуренција прифатени се корекции дадени од Државниот завод за ревизија со вкупен ефект зголемување на активата и пасивата за 13.101 илјада денари – додава ДЗР.
Натаму, ДЗР истакнува дека дека во делот на нагласување на прашањата во 2024 година Комисијата за заштита на конкуренцијата не работи во полн состав.
– Од страна на одговорното лице на Комисијата за заштита на конкуренцијата доставена е забелешка на воведот на нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор. Забелешката е разгледана и утврдено е дека таа претставува известување за дополнителна надлежност на Комисијата – додаваат од ДЗР.
Целосниот извештај е достапен на следниот линк.
јули 28, 2026
