Вести
Тошковски: Водата во Гостивар може да се користи како техничка, продолжува испораката на пакувана вода
Водата во Гостивар може да се користи како техничка, но не и за приготвување храна. Ќе продолжи испораката на пакувана вода – информира денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Панче Тошковски.
Според него, сè уште нема потврда во согласност со мерењата дека може да се користи за пиење ниту, пак, за подготвување храна.
– По повеќекратни испитувања на водата, имаме добиено потврда од страна на експертите од анализите што се правени дека може да се користи како техничка вода, но, пак ќе повторам, не може сè уште да се користи за пиење или за приготвување храна – истакна Тошковски.
Во делот на обезбедување пакувана вода за пиење, нагласи дека ќе продолжат со достави како и претходните денови.
– Во координација сме со Општината во делот на сето она што треба да се преземе и понатаму. Сакам лично да изразам огромна благодарност, првин на гостиварци за нивното разбирање, потоа на сите експерти и луѓе што беа вклучени на терен. Тие се тие што ги презедоа сите професионални активности во делот на хиперхлорирање, поставување апаратура за да дојдеме до оваа фаза, техничка вода за употреба, а се надевам дека многу бргу ќе ја известиме јавноста точно кога повторно ќе дојдеме до вода за пиење – информира Тошковски.
Упати апел до директорите на јавните претпријатија и до сите што имаат директно или индиректно поврзаност со квалитетот на водата дека здравјето и безбедноста на граѓаните се приоритет со кој нема играње.
– Секој еден што е одговорен за преземање дејства во согласност со законот максимално треба да се посвети, особено во делот на обезбедување квалитетна вода за пиење. Да упатам порака во иднина до сите одговорни во рамките на општините на територија на Македонија – се надевам дека ова ќе биде за памет и еднаш засекогаш понатаму ќе постапуваат максимално професионално и во рамките на нивните со закон утврдени надлежности во делот на контрола на квалитетот на водата, затоа што со здравјето и со безбедноста на граѓаните играње нема и треба максимално професионално и сериозно да се сфати секоја одговорност, особено онаа поврзана со водата, дали техничка вода за користење или вода за пиење – истакна Тошковски.
јули 27, 2026
